На барање на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, скопскиот кривичен суд вчера го замрзна удделот на бизнисменот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова, во компанијата „Дивелоп Груп“, во чија сопственост е и хотелот „Мериот“ во центарот на Скопје.
„На лицето Александар Ивановски му се забранува да располага и да го оттуѓува по било кој правен основ, да го оптоварува со залог или други реални товари запленетиот имот, односно удделот“, стои во судското решение, во кое уште се наведува дека привремената мерка стапува на сила веднаш и може да трае до завршетокот на кривичната постапка пред првостепениот суд.
Во решението, по кое веднаш постапил и Централниот регистар, доставувајќи известување за извршеното запишување на забраната, уште пишува: „Сите дејства врз имотот – удделот, што се предмет на обезбедување, кои се преземени по поднесување на предлогот за привремена мерка, се ништовни“.
Инаку, замрзнатиот уддел на Алек Теранова во „Дивелоп Груп“ изнесува 22,7 милиони денари или околу 369 илјади евра, што претставува 67,5 отсто од сопственичкиот капитал во друштвото, во кое остатокот го поседува „Бест Веј Инвестмент“ на Мијалкови.
Конкретно, „Бест Веј“ е во сопственост на Јордан Мијалков, син на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, кој пак е прв братучед на екс премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Преку оваа компанија, Мијалков поседува уддели и акции во повеќе правни субјекти што делуваат во разни сектори, а една од нив е и „Дивелоп Груп“, каде удделот на „Бест Веј“ изнесува скоро 11 милиони денари или 178 илјади евра, што, пак, претставува 32,5 отсто од вкупниот уддел.
Меѓутоа, засега замрзнат е само мнозинскиот уддел на Ивановски, но не и малцинскиот уддел на Мијалков во компанијата, која го поседува хотелот Мериот во центарот на Скопје, како и градежен плац покрај Охридското Езеро, во близина на „Инекс Горица“.
Како што неофицијално дознава Фокус, оваа мерка е изречена во рамки случајот познат како „Империја“, во кој првично како осомничени беа третирани Мијалков, бизнисмените Јордан Камчев, Цветан Панделески, како и други лица поврзани со поголем број на компании.
Сепак, дали и како ќе остане на крај, односно колку и кои лица ќе бидат обвинети и за кои дела, ќе стане познато по поднесувањето на обвинителниот акт, што треба да се склучи наскоро, со оглед дека, како што брифираат од обвинителството, истрагата е веќе завршена.
ШТО ГОВОРАТ ДОКАЗИТЕ?
Според нашите сознанија од добро упатени избори, обезбедените докази во случајот упатуваат дека, освен Мијалков, со „Дивелоп Груп“ може да се поврзе и неговиот братучед Груевски, кој веќе неколку години е азилант во Унгарија.
Имено, како што посочуваат нашите извори, обезбедената документација во рамки на истрагата открила дека оваа компанија, преку неколку офшор фирми, имала 4 реални косопственици, меѓу кои биле Ивановски и Камчев, чии уддели изнесувале 21,5, односно 32,5 отсто.
Што се однесува до останатите два косопственици на друштвото, се работи за две друштва чии уддели, според нашите извори, изнесувале по идентични 23 отсто.
Според обезбедените докази во рамки на истражната постапка, истакнуваат нашите соговорници, овие компании може да се доведат во корелација со Мијалков, но има и индиции што водат и до неговиот братучед Груевски.
Ако се има во предвид дека Мијалков веќе неколку години е формален дел од сопственичката структура на „Дивелоп Груп“, произлегува дека овие докази потенцијално откриваат нов скриен имот и на Груевски, покрај оној во Панорама.
Како што дознаваме, токму затоа е изречената мерката за замрзнување на удделот на Алек Теранова, од причина што тој не е реален сопственик на овој уддел во целост.
Според нашите информации, дел од овој уддел од 67 отсто, односно оние веќе споменати 21 отсто, се во реална сопственост на Ивановски, но тој воедно е покритие за останатите 46 отсто (23+23 отсто), чии вистински сопственици впрочем се двајцата братучеди.
ШТО ВЕЛАТ ОФИЦИЈАЛНИТЕ ПОДАТОЦИ?
Историјатот на промени на „Дивелоп Груп“ покажува дека од формирањето на компанијата во 2006 година досега, низ нејзината сопственичка структура поминале 4 компании регистрирани во некоја од таканаречените офшор-зони.
Меѓу нив се „Центроком ЛЛЦ“ од САД и „Интернационал Дивелопмент Груп“ од Белизе, кои всушност се први соосновачи на „Дивелоп Груп“, заедно со еден домашен правен субјект.
Таква е ситуацијата до 2008 година, кога единствен сопственик на компанијата станува „Софраги Лимитед“ од Малта, додека во текот на истата година нов единствен сопственик на фирмата станува „Т&Д Дивелопмент“ од Холандија.
Во цел период, управител на друштвото е Ивановски-Теранова, кој пак во 2011 година станува и единствен сопственик на компанијата.
Речиси нема ниту една покрупна промена се до 2017 година, кога дел од удделот на Ивановски во вредност од 10,9 милиони денари преминува во сопственост на „ОРКА“ на Камчев, а веќе во следната 2018 година овој уддел преминува во сопственост на „Бест Веј Инвестмент“ на Мијалков.
Ваква е ситуацијата до ден денес, така што овој уддел на Мијалков засега не е замрзнат, но замрзнат е удделот од 22,7 милиони денари на Ивановски, зад кој, според наводи од истрагата до кои дојдовме, се „крие“ Мијалков, но и Груевски.
Според неофицијални информации на Фокус, во изминатиот период бил склучен и договор за трансфер на овој уддел од неговиот фиктивен кон неговиот или неговите вистински сопственици, меѓутоа тој не бил реализиран, бидејќи не бил уплатен данокот.
Влатко Стојановски