„Фокус“ дознава кој ќе биде новиот тим на министерот за здравство?

by Fokus

Новиот министер за здравство Беким Сали од редовите на коалициониот партнер Алтернатива полека почнува да го формира својот нов тим во министерството за здравство, каде што се очекува да почне со работа откако новата влада ќе биде изгласана на собраниска седница.

Според неофицијалните информации на „Фокус“, новиот министер планира да стави нови луѓе од својата партија, кои ќе бидат негова десна рака и за односи со јавност и за советници.

Нашите извори тврдат дека како нов шеф на кабинет на министерот Сали ќе биде Меритон Сивули, кој по професија е електроинженер и исто така доаѓа од редовите на  Алтернатива. Главна за протокол на идниот прв човек на министерството за здравство ќе биде Нурџан Асановска, која претходно била шеф на протокол на екс министерот за култура Асаф Адеми.

„Фокус“ го контактираше новиот министер за здравство Сали, кој ни ги потврди информациите и истакна дека треба да седне на министерското столче за да одлучи кој се ќе биде во новиот тим, но кои од старата постава ќе останат.

„Немам намера да правам чистка. Не сум селективен тип. Ако некој си ја врши работата како што треба ќе си остане на работното место. Мене ми требаат паметни и работни кадри. Немам намера да менувам по секоја цена.

 

Нормално дека ќе имам мој тим, но тоа не значи дека ќе си одат сите луѓе. Секогаш треба да се работи со квалитетни луѓе“, вели Сали.

Тој пред неколку недели во интервју за „Фокус“ истакна кои ќе бидат неговите главни приоритети кога ќе седне на министерската фотеља.

Новиот лидер на СДСМ и мандатар на новата влада , Димитар Ковачевски денеска напладне на претседателот на Собранието, Талат Џафери, официјално му ги достави Предлог – составот и Предлог-програмата за работа на новата влада.

Собранискиот спикер, седницата за избор на новиот состав на владата ќе ја свика во сабота, 15 јануари 2022 година, во 11:00 часот.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

 

 

Поврзани новости