Фирми противзаконски донирале за кампањата на ДУИ, партијата им ги враќа партите назад

by Фокус

Две приватни компании противзаконски донирале средства за изборната кампања на ДУИ за време на изборите оддржани на 11 декември, бидејќи истовремено вршат јавни услуги по пат на склучен договор за јавна набавка.

Станува збор за компаниите Голец Транс и Беша Транс, кои, според извештајот на ДУИ за првиот дел од изборната кампања, испратен до Државната изборна комисија и други надлежни државни институции, вкупно донирале скоро 40.000 евра.

Но, двете компании во последните неколку години добиле над 10 тендери во вкупна вредност од околу 1.700.000 евра од општина Желино, раководена од Фатмир Изаири, кој воедно фигурира и како шеф на одделот за финансии при Централниот штаб на „интегративците“.

Тоа е спротивно на Законот за финансирање на политички парии, кој пропишува дека политичките партии, меѓу другото, не може да се финансираат од „приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор“.

-На листата на донатори на ДУИ за изминатите парламентарни избори, се наоѓаат две компании, кои според член 20 од Законот за финансирање на политички партии, не ги исполнуваат условите за донации, односно во моментот вршат јавни услуги за општина Желино. Истите, според член 15 став 6, се известени дека донацијата ке им биде вратена во рок од 30 дена, додека истовремено Ве известуваме дека тој рок уште не е надминат – изјави за Фокус градоначалникот на Желино Изаири.

Според Бирото за јавни набавки, Голец Транс, основана во далечната 1992 година во Желино, добила десетина тендери за инфраструктурни работи токму од Општина Желино, чија вкупна вредност е околу 1.500.000 евра, од кои најголемите договори за реконструкција на локални патишта изнесуваат 231.500 евра, односно 191.850 евра.

Што се однесува до Беша Транс, оваа компанија основана во 1993 исто така во Желино, склучила два договори за набавка на стоки со истоименаната општина, кои вкупно тежат над 200.000 евра.

Инаку, партијата на Али Ахмети, на наменската жиросметка за изборната кампања на последните избори, собрала донации од преку 190.000 евра, додека префрлила плус 16.000 евра од редовната партиска сметка.

Од друга страна, пак, албанската партија направила расходи од вкупно 369.000 евра, од кои безмалку 327.000 евра потрошила за реклама и пропаганда, и тоа претежно на националните ТВ куќи.

Оттука, „интегративците“ потрошиле повеќе средства отколку што собрале, па овој минус од 162.500 евра треба да го покријат 3 месеци по прогласувањето на конечните изборни резултати, до кога мора да ја затворат изборната сметка.

В.С.

Поврзани новости