Слаткар за откажувањето на пречекот: „Македонија на Македонците“, државните пари надвор од државава!

by fokus

Хип – хоп музичарот Марко Маринковиќ – Слаткар, кој требаше да настапи на плоштадот Македонија за време на новогодишниот пречек , во свој стил реагира на откажувањето на прославата.

,, Се откажува прославата на Нова година во Скопје затоа што буџетот што е предвиден за македонските артисти ќе оди во хуманитарни цели… Потегов е за аплауз, иако МНОГУ ми е жал што нема да се дружиме оваа година. Ама луѓе, не очајувајте… Денес може да присуствувате на Ѕвонко Богдан, а на 31 ги имате исто така нашите, добро познати рокери ,,Забрањено пушење,,. И тоа пушење на државни пари што ќе се изнесат надвор од државава! Македонија на “Македонците”!,, – вели Слаткар, алудирајќи на настапите кои што ќе се одржат во општината Центар за празниците, а на кои што ќе гостуваат музичари од регионов.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски вели дека нема коментар на забелешките на Слаткар. Вчера, тој изјави дека е невозможно да ја откажат новогодишната прослава и предвидените 3 милиони денари да се донираат во хуманитарни цели, бијдеќи раскинувањето на договорите ќе и донесело тужби на општината.

„Ќе треба да им ги исплатиме парите, а тие да не настапуваат. Оваа иницијатива да се случеше пред еден месец ќе можеше да се откаже, но сега тешко. Овој настан ќе има и хуманитарен карактер, ние апелираме до сите правни лица во општината да донираат. Први ќе донираат артистите кои ќе настапуваат, тие се согласија да донираат од нивниот хонорар, 600 илјади денари“, рече Жерновски.

Градоначалникот се надева дека сумата на донации ќе ја надмине и онаа сума која ќе се потроши за организирање на забавата. Тој најави дека дополнително ќе се донесе одлука, каде ќе се донираат парите.

Покрај Слаткар, на дочекот организиран од Град Скопје, беше планиран настап и на Каролина Гочева и Миле Кузмановски. Слаткар и е познат на јавноста уште од 2005 година, а во 2009 направи хип – хоп револуција со издавањето на албумот ,,Слаткаристика будало“.

Постојано има настапи во земјава, а важи и за еден од омилените музичари во соседна Бугарија, каде што ќе настапи и за дочекот на Стара Нова Година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости