Странски компании и подружници, но и добро познати домашни фирми, кои во значителна мера соработуваат и со државни институции и јавни органи, се наоѓаат на листата на субјекти без вработени, кои притоа направиле најголем обрт во изминатата 2020, која важеше за кризна година.
Порталот „Пари“, врз основа на информации од платформата „Бизнис мрежа“, објави дека околу 2.000 компании со нула вработени лани оствариле вкупни приходи од 150 милиони евра, при што рекордер е трговецот со електрична енергија „Алпик“ со обрт од 22 и пол милиони евра.
Веднаш потоа следува нафтената компанија „Тритерол Петрол“ на Љупчо Пецов од Неготино, кој своевремено беше осуден за малверзации со нафтени деривати. Сепак, како што своевремено пишувавме, тој набргу откако излезе на слобода ја презеде компанијата од струмичанецот Лефтер Андонов, актуелен директор на „Америт“.
Лани, според податоци од Централниот регистар, „Тритерол Петрол“ остварил приходи од 450 милиони денари и добивка од 5 милиони денари. Патем, оваа компанија голем дел од работата ја базира на државните институции и органи, со оглед дека, според Бирото за јавни набавки, само лани добила над 70 тендери вредни 158 милиони денари.
Иако во финансиските извештаи стои дека „Тритерол Петрол“ нема ниту еден вработен, сопственикот Пецов тврди дека неговата фирма има неколку вработени. „Оваа компанија не се занимава со увоз, туку купува одредени нафтени деривати од домашни компании“, ни изјави Пецов, истакнувајќи дека поседува уште две компании кои се занимаваат со транспорт и малопродажба.
Потоа, на третото место на листата со фирми без вработени со големи приходи е „Крејон Македонија“, која ланската година ја завршила со приходи од 4,7 милиони евра. Како што веќе објави Фокус, оваа компанија, заедно со домашната „Аитоникс“, го доби тендерот за софтверски лиценци за државната администрација тежок милијарда денари.
Во рамки на оваа тендерска постапка, „Аитоникс“ беше носител на конзорциумот и потписник на договорот за јавна набавка. Но, податоците од алатката „Отворени финансии“ покажаа дека договорот го испорачувала странската компанија, на чија сметка во земјава легнале сите исплати врз основа на договорот.
„Крејон“ групацијата е еден од најголемите партнери на “Мицрософт “ во светски рамки, а АД „Аитоникс“ е долгогодишен партнер и дистрибутер на “Мисрософт“ во Р.С. Македонија. Како такви, двете компании имаат изградена соработка, дел од која е и наведениот договор за софтерски лиценци“, ни одговорија од „Аитоникс“.
Инаку, потпис на овој договор стави Драги Рашковски непосредно пред да ја напушти функцијата генерален секретар на Владата. Како што е познато, тој подоцна стана осомничен за незаконско спроведување на тендерската постапка за софтвер за безбедност во сообраќајот.
Уште неколку домашни компании фигурираат на листата на фирми без вработени, но со релативно голем обрт. Во таа насока, „Хифер“ е компанија за трговија на големо, а „Инвест Груп 2016“ се занимава со подготовка на градилиште, така што двете заедно лани направиле обрт од вкупно 528 милиони денари.
Влатко Стојановски