Фирма која произведувала долна облека доби 8,3 милиони евра од тендерот вреден 22,3 милиони евра, за надзор на четирите автопати

by Fokus

Фирма „Електра солушн“ која до сега не работала надзор, туку главна дејност ѝ била производство на долна облека, доби најголем дел од 22,3-милионскиот тендер за надзор на автопатите кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“, објави „360 степени“.

„Електра солушн“ добила 8,3 милиони евра, додека „Евро консалтинг“, на Бранислав Димитријевиќ, за кого има обвинение во Ерменија, 7,1 милиони евра од тендерот.

Од останатите пари, 4,1 милиони евра одат кај „ИРД Инженеринг“ од Италија, додека услугите на локалната канцеларија на „ИРД“ во Скопје ќе чинат околу 2,4 милиони евра. За последниот партнер во конзорциумот, шпанско-кинеска „Ептиса“, се предвидени 400.000 евра.

„Електра солушн“, до објавувањето на тендерот немала лиценца за надзор. Барање до Министерството за транспорт и врски фирмата го доставила 12 дена по објавување на тендерот, а лиценцата е издадена за помалку од 5 дена.

Документите од Централниот регистар кои ги објави „360 степени“ покажуваат дека компанијата постои 21 година. Во најголем дел од своето постоење компанијата за главна дејност имала – производство на долна облека, па кратко давала услуги во врска со информатичка технологија, пред да се вклучи во градежништво.

Анализата на договорот покажува дека она што на јавноста ѝ се претставува како надзор од меѓународни експерти, всушност, е само завеса зад која доминантно стојат домашни кадри. Од 81 експерт кој ќе биде вклучен во надзорот, само 5 се странци од кои четворица од земји од соседството.

Според документите, на 4 лица од правниот тим за преговори за цената на чинење на градбата на автопатските делници им се дадени паушали од 300 илјада евра по човек, односно вкупно за четворицата државата ќе плати 1.200.000 евра.

И покрај големиот број сомнежи во врска со тендерот на надзор, државата тврди дека тој е спроведен според закон.

Поврзани новости