Фирма која добила незаконски субвенции вршела градежни работи за Радиологија?

by fokus

Две од петте фирми кои се вмешани во истрагата за злоупотреби при користење на земјоделско земјиште и субвенции од државата, се во сопственост на фамилијата Вељанови од Бутел. Станува збор за фирмата „Агро Проџек Вељанови“ чиј сопственик и управител е Соња Вељанова и „Агро Проџек Рамак“чиј сопственик и управител е Радица Вељанова.

И двете се осомничени во истрагата која што ја покрена Единицата за финансиски криминал при Министерството за внатрешни работи во која се опфатени вкупно 24 лица, меѓу кои 15 се државни службеници. Осмничените се товарат за злоупотреба на службената положба при издавање на земјоделско земјиште под закуп, по основ на кое подоцна биле доделени и субвенции.

„Агро Проџек Вељанови“ е регистрирана во 2007 година со седиште на истата адреса на која живеат Радица и Соња Вељанови. Фирмата се бави со дејности кои се извршуваат после собраните посеви и со  надворешна трговија на прехранбени и непрехранбени производи.

Оваа компанија има подружница чија деност се изградба на станбени и нестанбени згради. Непосредно пред промената на власта, оваа фирма добила тендер од Клиниката за радиологија за извршување на градежни работи, поправка и одржување на зградата на клиниката. Договорот е во вредност од 38.000 евра.

48-годишната Соња Вељанова е меѓу уапсените кои денеска беа изнесени на распит пред судија на претходна постапка. Таа е локален координатор на Мрежата на жени- фармери.

Втората фирма „Агро Проџек Рамак“ е со седиште во Гевгелија. Регистрирана е во 2011 година, односно истата година кога почнуваат малверзациите што се под истрага на надлежните органи. 26-годишната Радица Вељанова е сопственик и управител и е исто така осомничена во постапката.

Приоритетна дејност на „Агро Проџек Рамак“ се градежни работи, а од други дејности се наведени надворешна трговија со прехранбени и непрехранбени производи.

Маја Васева

Поврзани новости