Во злоупотребата со субвенции под истрага се и две турски компании, регистрирани во Дојран

by fokus

Две од фирмите кои, според МВР, на незаконски начин добиле земјиште под закупа, а потоа и субвенции, за што во моментот е отворена истрага, се турски а биле регистрирани во Дојран.

Според информациите на „Фокус“, кои ги добивме од Централен регистар, двете фирми „Агро Лезет“ и „Норм Агро“ се на ист сопственик и тоа Ахмет Терџан кој живее во Истанбул. Во Македонија и двете фирми се регистрирани на ист ден, 14 јуни 2012 година, а и седиштето им е на иста адреса и тоа Јане Сандански бр.26 Нов Дорјан.

Заедничко за двете фирми е и тоа што имаат исти управител и тоа Нури Шен, исто така турски државјанин, а против кого е поднесена кривична пријава. Но во компанијата „Норм Агро“ е заведен уште еден управител, Хурсан Левент Доганај, исто така опфатен во истрагата.

Како основна дејност на компаниите е одгледување на јагодесто, јаткасто и друго овошје.

Компанијата Дедема Плус, која исто така е под истрага, пак била регистрирана на 22 јуни 2010 година, во Дојран. Управителот на оваа компанија е сириски државјанин Ибрахим Алхај, а сопственик е приватно лице, односно компанијата Шамма компани, регистрирана во Скопје. Како дејност на оваа компанија е забележано одгледување на грозје.

Денеска од МВР информираа дека вкупно 24 лица се под истрага за злоупотреба на службената положба во врска со распределба на субвенции и договори за закуп на земјоделско земјиште.

Истрагата покажала дека раководителите во Министерството, кои биле назначени како претседатели на комисии за одлучување по јавни огласи за давање под закуп на државно земјиште, склучиле договори со нови закупци за спорни парцели. Парцелите не можеле да бидат предмет на договор, а осомничените знаеле дека постапуваат спротивно на законот, со што фирмите и нивни сопственици на незаконски начин се стекнале со концесија на државно земјоделско земјиште.

За парцелите кои се спорни, осомничените барале субенции спротивно на Законот, при што овие барања во системот на Платежната агенција ги внесувало лице кое што не било вработено во Министерството за земјоделство.

На овој начин, во период од пет години, од 2011 до 2016, осомничените се стекнале со имотна корист од 222.736 евра, односно за толку го оштетиле државниот буџет и буџетот на Платежната агенција.

Валентина Вурмо

Поврзани новости