Finance Think ги смета шпекулациите за девалвација на денарот за неосновани.
„Народната банка има на располагање инструменти за стабилизација на девизниот пазар. Имено, таа, во режим на фиксен курс на денарот во однос на еврото, има обврска да го задоволи пазарот со неопходната количина странски пари (девизи). Имајќи предвид дека моменталното ниво на девизните резерви е високо (2.3 милијарди евра), од каде што НБРМ (ќе) ја задоволува побарувачката на девизи од граѓаните и фирмите, проценуваме дека нема никаква опасност од девалвација на вредноста на денарот“ сметаат од организацијата.
Finance Think укажува дека подгревањето на шпекулациите за девалвација, сепак може да има штетни ефекти врз економијата и во услови кога девалвација нема. Интервенцијата на централната банка на девизниот пазар првенствено ќе влијае врз пораст на референтната каматна стапка на благајничките записи, која потоа може да поттикне пораст на останатите каматни стапки во банкарскиот систем (како што се каматите на кредитите со варијабилна каматна стапка).
„Апелираме до НБРМ јасно и недвосмислено да ја нагласи намерата дека ќе го брани курсот на денарот од девалвација, преку понудување на неопходната количина девизи на пазарот.
Апелираме до менувачниците и другите финансиски посредници, да се воздржат од изјавување дека немаат доволно девизи за продажба, бидејќи тие девизи може непречено да ги обезбедат од НБРМ.
Апелираме до граѓаните да не учествуваат во пропагирањето паника околу можна промена на вредноста на денарот“ велат од Finance Think.