Филипов: Шолц ќе ја продолжи политиката на Меркел кон Македонија

И најсилниот ангажман на Германија нема да биде доволен, доколку другите членки пасивно посматраат како се злоупотребува позицијата „членка на ЕУ“, вели тој за Фокус.

by Фокус

Новата германска влада ќе продолжи со старата, па дури и уште поинтензивна политика кон Западен Балкан и Северна Македонија на поддршка, инсистирање на поголема соработка на земјите од регионот и отпочнување на преговорите со Македонија и Албанија, продолжување на преговорите со Црна Гора и Србија, решавање на прашањето за односите Србија-Косово и напредок во односите со ЕУ за Босна и Херцеговина и Косово.

Ова во изјава за Фокус го вели поранешниот македонски амбасадор во Германија, Австрија и Словачка, Ѓорѓи Филипов, коментирајќи го изборот на нова германска влада на чело со социјалдемократот Олаф Шолц, кој успеа да формира коалициска влада заедно со Зелените и ФДП, и да ја наследи досегашната канцеларка од редовите на десничарската ЦДУ Ангела Меркел по 16 годишно владеење.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ИНТЕНЗИТЕТОТ

Како што посочува Филипов, првото патување на новиот германски канцелар Шолц ќе биде во Париз, додека првата посета на министерката за надворешни работи Аналена Бербок ќе биде во Брисел, со што, според него, Берлин покажува дека дава предимство на зајакнувањето на односите со Франција и зајакнување на позицијата на ЕУ на внатрешен и надворешен план.

Имајќи предвид дека и во предходната влада на Меркел, ресорот надворешни работи го држеше Хајко Масс од СДП, а сега моќта на СДП е поголема, ваквите движења ќе претставуваат зголемување на интензитетот на напредокот на Западен Балкан кон ЕУ – вели Филипов.

Инаку, додава тој, во предизборието кандидатите за канцелар и пратеници во новиот парламент на Сојузна Германија не му даваа толку големо внимание на надворешно-политичкиот сегмент од владеењето, туку, како што вели, се концентрираа на социјалните прашања, емиграцијата, екологијата, економијата и барање излез од пандемијатата на Ковид- 19…

Тука мора да се имаат предвид и искажувањата на бугарскиот претседател и на други политичари од нивната техничка влада кои говорат дека и претходната германската влада вршела притисок кон Бугарија за деблокада на отпочнувањето на преговори на Албанија и Македонија и оставање за историски, научни и други билатерални прашања од Договорот БГ-МК да ги решаваат соодветните комисии – истакнува Филипов.

ПРИЈАТЕЛСКИ УБЕДУВАЊА

​​​​​​​​После овие убедувања потпомогнати и од САД, нагласува тој, бугарскиот претседател Румен Радев ги прегрупира пречките за отпочнување на преговорите, така што сега главната пречка е положбата на Бугарите во Северна Македонија. За да го илустрира тоа, според него, Радев организирал состанок со претставници на одделни здруженија на Бугари од Македонија, кои требало да ја потврдат таа теза.

Некои коментари во германските медиуми покажаа дека и оваа теза не е баш разбирлива за ЕУ, особено за Германија. Сепак, и најсилниот ангажман на Германија нема да биде доволен, доколку остане само ангажман на Германија, а другите членки пасивно посматраат како се злоупотребува позицијата „членка на ЕУ“, игнорирајќи ја потребата за себеразвој (БГ самата го губи угледот внатре ЕУ) и за развој на Западен Балкан – објаснува Филипов.

Според него, на тој начин се игнорира и идејата на Берлинскиот процес поттикнат токму од Германија и идејата за подновена ЕУ, намалувајќи го имиџот на унија на европски вредности, што досега, како што потенцира, значеа најголем скок во развојот на хуманото социјално и политичко организирање откако постои човештвото. Мислам, појаснува тој, на почитување на основните човекови права на самоопределување на етничка, национална или религиска припадност.

Очигледно, ќе бидат потребни дополнителни пријателски убедувања и флексибилизација на ставовите на БГ и МК, за да не останат замрзнати односите меѓу народите на земјите, од кои првата прва ја призна независноста на втората, но не и дозволува таа независност да ја реализира, туку ја принудува да живее во статична точка од тркалото на историјата, кое сепак ќе се врти. Не сакам да помислам дека би дошло време на барање друга врата за излез од овој простор која би водела во некоја друга соба, што не се вика Европска Унија – порачува Филипов.

В.С.

Поврзани новости