Филипов: Не постои регистрирана трговска марка „Macedonia the GReat“

by Фокус 10:07
10:07

Во најскоро време се очекува да се оддржи втората седница на Меѓународната група на експерти за договор меѓу Македонија и Грција за трговските марки, што претставува обврска од Преспанскиот договор, најави шефот на македонската делегација во Меѓународната група експерти за комерцијалните имиња, трговските марки и заштитните знаци, Ѓорѓи Филипов.

-Во меѓувреме, и двете страни оддржуваат консултации, договарања, се пласираат предлози како да се работи бидејќи главни протагонисти треба да бидата деловните заедници од Северна Македонија и Република Грција, на кои, Меѓународната група на експерти им стои на располагање како советодавно тело кое се грижи работата да се одвива во согласност со Спогодбата од Преспа и меѓународното право, а во контекст на европските директиви за ова подрачје – вели Филипов.

- Advertising -

Тој посочува досега не постои пријавена или регистрирана трговска марка, географска ознака или комерцијално име на компанија (фирма) во регистрите на Европскиот завод за интелектуална сопственост (EUIPO) или на Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) (Маридски договор или Мадридски протокол) со спомената ознака.

– Тоа значи дека не можела да биде предмет на разгледување, ниту на грчкиот, ниту на македонскиот дел од Меѓународната група на експерти, ниту пак на целата група во која има член(ови) од (WIPO), а се очекува именување и на член(ови) од ЕУИПО – рече Филипов.

Различни толкувања и реакции имаше во земјава предизвикани од промовирањето на слоганот „Macedonia the GReat“ од страна на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис минатата недела во Солун. Министерството за надворешни работи излезе со реакција дека тоа ја поткопува меѓусебната доверба, додека експерите велат дека за трговските марки потребна е заемна согласност и од македонска и од грчка страна. Премиерот Зоран Заев, пак, смета дека секој има право да истакнува слогани, но Меѓународната експертска комисија формирана согласно Договорот од Преспа ќе го реши трајно брендирањето на производите по потекло од регионот Македонија.

Меѓународната група на експерти за договор меѓу Македонија и Грција за трговските марки е формирана на 18 јуни 2019, а првата седница ја одржа на 22 јуни во Скопје и за нејзината работа има и соопштение кое се наоѓа на веб-страните на двете министерства за надворешни работи, грчкото и македонското.

Филипов вели дека индустриската сопственост, каде спаѓаат и трговските марки е приватна сопственост и затоа постои одредба во Спогодбата во Чл. 1.3.ж, во која се вели дека ништо нема да се промени додека двете страни не се усогласат со решенијата. И грчкото и македонското законодавство се целосно усогласени со препораките на ЕУ.

– Деловните заедници, стопанските комори разменија писма со намери да се соработува кон правилно разрешување во духот на добрата деловна практика и Спогодбата од Преспа. Не ми е познато дека се одржани официјални средби, а контакти, разговори и подготoвки се случени и се постојани. Времето за решавање на оваа прашање во согласност со Спогодбата е три години од отпочнување на работата на групата, значи до крајот на летото 2022. Од отпочнувањето на работата, практично се поминати 4-5 месеци, вели Филипов за МИА.

Тој појасни дека Меѓународната група експерти им дава извештај за работата на Високиот Совет на Владите и на Комитетот на министри (еднаш годишно) и оти веројатно првиот извештај ќе биде во текот на првиот квартал од 2020 година.

– Во врска со слоганот “Macedonia is GReat”, не сум овластен јас, ниту кој било друг член од грчка или македонска страна, ниту пак некој од претставник од меѓународните организации да даваме коментари во име на Меѓународната група на експерти. Доколку биде пријавен како трговска марка, за тоа ќе се изјасни соодветниот завод пред кого ќе се бара признавање, рече Филипов.

Во Државниот завод за индустриска сопственост досега се регистрирани вкупно 34.898 трговски марки. Од овие, 15.584 марки се пријавени од македонски компании, а марките се со најразлични називи или се во слики, а со придавката „македонски“ или „macedonian“ се околу 150.

Наши трговски марки што се регистрирани согласно Мадридскиот договор, односно кои важат и во странска држава активни се 351 трговска марка. Од нив една содржи „мк“, зборот Македонија го содржат две и „мак“ содржат три трговски марки.

Премиерот Зоран Заев во неделата изјави дека Меѓународната експертска комисија што треба да се дооформи согласно со Договорот од Преспа ќе го реши трајно брендирањето на производите по потекло од регионот Македонија.

-Секој има право да истакнува свои слогани, да се бренидира како солунски самит или здружение на индустријалци или слично. И Договорот од Преспа и меѓународните стандарди јасно укажуваат како се решаваат ваквите прашања. Ние тоа прашање го имаме вградено во Договорот од Преспа, каде веќе е создадена и треба да се дооформи меѓународна експертска комисија која заедно ќе го реши трајно брендирањето на производите по потекло од регионот Македонија што не спојува, изјави Заев, коментирајќи го слоганот „Macedonia the GReat“ што беше промовиран за грчките производи од грчката област Македонија.

Самостојното истакнување свој амблем, појасни, не е против Преспанскиот договор, но трајните законски решенија се дефинираат преку меѓународната експретиза.

– Денеска кај нас е Made in Macedonia и во духот на Договорот треба да го решиме тоа. Кога некој  би ме прашал мене, имаме прекрасен историски регион Македонија. Зошто за сите да не биде Македонија? Ние сме веќе разграничени со географската одредница дека навистина сме северниот дел од тој историски дел на регионот Македонија, некој е на јужниот, некој на источниот дел од тој регион, секако сите сме оформени во посебни држави. Можеме низ решенијата за вакви прашања да градиме единство и сплотеност и да бидеме уште попочитувани од западниот свет, изјави Заев во неделата.

Македонското Министерство за надворешни работи не било информирано за грчката намера за изготвување или за промовирањето на маркетиншкиот слоган Macedonia the Great завчера во Солун и оти ја подрива меѓусебната доверба.

Здружението на извозници на Грција, минатата недела во Солун, во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги промовираше ознаката и слоганот со кои грчките производи ќе бидат проследени на меѓународно ниво. Нови колективни трговски ознаки за грчките производи  од грчката област Македонија се слоганот „Macedonia the GReat“, со потенцирани букви ГР како кратенка за Грција и буквата „М“ како ознака, испишани со бело на сина позадина.

Поврзани новости