Филипче: Приватните специјализанти конечно ќе добијат плата

by Fokus

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека приватните специјализанти, запишани на јануарскиот конкурс 2018 година, во јуни ќе добијат мајска плата.

Новата генерација приватни специјализанти побара ист третман за сите специјализанти, сѐ до донесување на стабилно и вистинско долгорочно решение за сите засегнати.

– За нас докторите на приватна специјализација, секој следен ден поминат без плата претставува дополнителна фрустрација – нагласија специјализантите кои денеска одржаа прес-конференција пред Министерството за здравство.

 Министерот за здравство Филипче, кој дојде на пресот, посочи дека специјализантите веќе нема да работат без пари.

– Вие сте најкреативниот дел од нашето општество, вие мора да останете во оваа земја, вие сте иднината и на нашето здравство и на медицината – им порача Филипче на специјализантите.

Тој нагласи дека во Македонија има дефицит од доктори, односно земјата има потреба од над 380 лекари во внатрешноста и околу 150 во Скопје.

– Доколку приватен специјализант се вработи во државна институција, таа ја презема специјализацијата – објасни Филипче.

Тој наведе дека сега во законот има чудни услови за специјализантите за огромни суми на казни доколку тие се откажат од специјализација, нагласувајќи дека Владата веќе работи на измена на тие услови.

– Сегашните услови за специјализантите, секако ќе бидат сменети – заклучи министерот за здравство.

Поврзани новости