Филипче: Не можеме да го подобриме здравството преку ноќ, но преземаме револуционерни чекори

by fokus

Сликата за јавното здравство не може да се смени преку ноќ, затоа преземавме револуционерни чекори, со поголеми плати за докторите, платени се и специјализантите, а променета е и локацијата на новиот Клинички центар, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче во емисијата „Топ тема“ на тв Телма.

Како прв чекор потврди бесплатно лекување за сите граѓани на РМ од 1 јануари 2019 година, што значи, како што кажа тој, дека нема да се плаќа партиципација без разлика на тоа во која болничка установа се лекуваат и на извршената здравствена услуга.

Во однос на најавата за зголемување на платите на специјалистите од 1 јануари 2019 до 100.000 денари, ресорниот министер рече оти тој процес веќе е почнат.

– Јавното здравство за да расте и да се надградува треба да добие дополнителна сума пари. Првиот чекор за зголемување на платите на специјалистите веќе се направи преку зголемување на сумата за дежурства и за ноќен труд меѓу 20 и 40 отсто, платата на лекарите специјалисти се зголеми во зависност од струката и јавната здравствена институција во која работат. Тоа најмногу го почувствуваа лекарите на Клинички центар, нешто помалку во другите болнички установи ширум земјата, рече тој.

Вели дека се уште има долгови во здравството и само со домаќинско работење и со дополнително финансирање на буџетот на РМ ќе може да се надминат предизвиците и земјава ќе тргне по патот на градење модерен здравствен систем.

Според него, постоечкиот Клинички центар нема инфраструктурна можност да даде интегрирана здравствена услуга. Во реномирани земји, вели министерот, се даваат здравствени услуги во една зграда со дијагноза и лекување во најбрз рок.

Поврзани новости