Судски рочишта за „Титаник“, „Т.Н.Т.“ и „Труст“

by fokus

Нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“, „Т.Н.Т“ и „Труст“ се закажани за денеска во Кривичниот суд.

Минатото рочиште за „Титаник“ беше одложено поради неприсуство на обвинетата Гордана Јанкулоска, поради ризична бременост.

Судијата Осман Шабани поради неисполнување на условите за одржување на рочиштето ја прекина расправата на која требаше да почне изнесувањето на доказите.

Во „Титаник“ обвиенти се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

На обвинителна клупа денеска треба да седнат и обвинетите во случајот „Т.Н.Т“ за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.

Меѓу обвинетите за уривањето на „Космос“ се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.

Судско рочиште денеска треба да се одржи и за случајот „Труст“ во кој се обвинети бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.

Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година.

Поврзани новости