Германските коалициони партнери ЦДУ и ЦСУ блиску до договор за мигрантите

by fokus

Германските партии ЦДУ и ЦСУ се блиску до компромис за миграцијата, Зехофер сака да остане министер за внатрешни работи, јави вечерва онлајн изданието на весникот „Билд“.

Весникот се повикува на свој извор кој е во тек со средбата меѓу германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер и канцеларката Ангела Меркел, на која се разговара за неговата понуда да се повлече од функцијата.

На средбата Меркел и Зехофер настапуваат и како лидери на партиите ЦДУ и ЦСУ, чија повеќедецениска коалиција е во тешка криза околу мигрантското прашање. Зехофер се соочува со тешки регионални избори во Баварија, каде ЦСУ, која е регионална баварска конзервативна партија, губи гласови во полза на отворено анти-имигрантската партија АФД.

Како министер за внатрешни работи Зехофер најави дека ќе воведе контроли и ќе почне да ги враќа мигрантите од германските граници дури и без согласност на Меркел, што претставуваше отворен предизвик до канцеларката да го смени. На минатонеделниот самит на Европската унија Меркел бараше поддршка од другите членки на ЕУ за да ги задоволи барањата на Зехофер, но Баварецот соопшти дека постигнатото на самитот не е доволно.

ЦДУ и ЦСУ се поголемиот коалициски партнер во широката Влада во која учествува и социјал-демократската партија СПД.

Поврзани новости