Филипче најави 80 вработувања во битолската болница

by fokus

Министерот за здравство Венко Филипче денеска беше во посета на Клиничката болница во Битола, каде наскоро ќе бидат вработени нови 80 доктори и медицински персонал, а во финална фаза е и изградабата и инсталацијата на првиот линеарен акцелератор во овој дел од земјата. Битолската болница ќе биде првата каде што ќе се применува пилот – проект за снимање на магнетна резонанца 24 часа.

– После многу долго време во оваа болница се вработуваат 80 луѓе, од кои 30 се доктори и останат медицински кадар и многу малку други работници. Сметаме дека кадарот треба многу да се зајакне, дека тоа треба да им го понудиме на нашите млади доктори со цел да се едуцираат и да останат во нашата земја, рече Филипче по средбата со менаџментот на болницата.

Имајќи предвид дека интересот е поголем од понудените места за вработување, тој посочи дека на средбата било разговарано да се побараат уште дополнителни места, пред се, за доктори што ќе биде направено следниот месец.

– До Нова Година со оглед на тоа што за дополнителни места болницата нема да има свои средства, ќе определиме средства од буџетот за да се вработат уште сто луѓе од кои повторно најмногу доктори и медицински сестри, рече Филипче.

Toj информираше дека е при крај изградбата и инсталацијата на линеарниот акцелератор со што за првпат во овој дел од нашата земја ќе бидат понудени онколошки сервиси, а луѓето нема да мораат да патуваат во Скопје. Има современо онколошко одделение, вели министерот, а се планира и прием на персонал во институцијата каде што ќе биде сместен акцелераторот.

Поврзани новости