Министерот за здравство Венко Филипче и Министерството за здравство вечерва добија посланија „Св. Мајка Тереза“ за 2020 година и статуетки за хуманост од Граѓанската Асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“.
Вакви признанија добија и директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Милена Стевановиќ, директорот на Градската општа болница „8 Септември“ Христијан Костов и директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле Ангелчо Андоновски.
Филипче наградата ја посвети на здравствените работници, пациентите и дарителите на крв и органи.
-Ги посветувам на сите здравствени работници кои неуморно се борат за спасување на секој пациент, за подобрување на здравјето на секој граѓанин, во услови на Ковид-19, но и секојдневно. Оваа награда ја посветувам и на сите борци – пациенти, деца кои херојски се носат со заболувањата, но и на сите граѓани дарители на крв, ковалесцентна плазма, а особено на дарителите на органи и нивните семејства, зошто нивниот алтруизам е врвен пример за хуманост, пожртвуваност и грижа, напиша Филипче на Фејсбук.
Во своето обраќање на настанот, пак, тој порачал дека здравствените работници и соработниците покажале како се работи пожртвувано и докажале дека во нивните принципи на работа ги имаат вградено постулатите на Мајка Тереза.
По повод 110 години од раѓањето на Св. Мајка Тереза, граѓанското здружение оваа година го посвети настанот на институциите и здравствените работници кои во овие моменти се во првите борбени редови во спасувањето на секој човечки живот и справување со ковид-19.
Наградата „Послание за хуманост“ и статуетка со ликот на „Св. Мајка Тереза“ е востановена во 1999 година од граѓанското здружение „Скопјанката Мајка Тереза“ од Скопје. Признанијата се доделуваат во рамки на деновите на Мајка Тереза кои се одбележуваат во чест на нејзиниот роденден, а централната манифестација се одржува на 5 септември, денот на нејзиното упокојување.