Двајцата сопружници кај кои вчера е откриен коронавирусот од синоќа се наоѓаат на Инфективната клиника во Скопје и се во стабилна здравствена состојба со лесна форма на болеста, но поради возраста се во ризична група, изјави денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
-Епидемиолозите најдоа уште 9 други исто во околината на нивното место на живеење кои биле во близок контакт со пациентите коишто се сега на Клиника. На сите нив им е дадена, препишана и им е назначена домашна изолација и здравствен надзор од страна на епидемиолозите и од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат – рече Филипче.
Тој додаде дека сите други патници се идентификувани и се исконтактирани телефонски.
-Кај дел од нив веќе се завршени анкетите. Кај сите нив ќе биде исто така назначена домашна изолација и здравствен надзор од страна на Инспекторатот. Еден од патниците е жител на Албанија, за идентитетот во текот на вчерашниот ден го известивме албанското Министерство за здравство – рече Филипче.
Тој информира дека возачот во изминатите неколку денови повторно заминал на тура за Италија, а вчера било укажано дека денеска се очекува да стигне во земјава.
-Пред половина час пристигна на граничниот премин Табановце. Автобусот ќе биде ставен на страна, патниците ќе бидат ставени во една посебна просторија во сопственост и менаџирање на Царинската управа, додека возачот ќе биде прегледан, ќе биде тестиран и што и како ќе се направи понатаму во однос на препораките на оваа нова тура патници ќе зависи од резултатот од анализата на тестот на возачот – истакна Филипче.