Собранието ја изгласа владината одлука за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници со што се обезбедуваат пари за исплата на заостанати долгови. Од 26 милиони евра, најмногу ќе добие Македонската филхармонија која, според Владата, е во долгови во гуша.
Дури 15 милиони евра ќе бидат пренаменети за неисплатени фактури во врска со изградбата на објектот каде е сместена Македонска филхармонија. Сепак со ова, велат од Владата, нема да се исплатат сите долгови кои ги направила претходната власт при изградба на објектот. Зградата беше отворена пред промената на власта со свечена церемонија на која беа поканети само функционери од ВМРО-ДПМНЕ.
Освен тоа се пренаменуваат средства и во буџетот за Службата за општи и заеднички работи на Владата, во ставката изградба и реконструкција на административни згради на државни органи се обезбедуваат уште 2.308.943 евра.
За исплата на долгови при изградбата на Албанскиот театар во Скопје се пренаменуваат 303.349 евра. За неподмирени обврски при изградба на театарот и библиотека во Тетово се предвидуваат уште 1.276.422 евра.