Фијат Цаноски: После затворањето на А1, ми кажаа дека јас сум на ред

by Фокус

архиваТекстот е објавен на 12- ти август 2011-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 841

Ме рушат без причина, без да се разгледаат нашите жалби, без да се почитува процедурата. Сакаат да ме оцрнат, да ме прогласат за криминалец. И аванс му дадов на градоначалникот пред да ми ја дадат дозволата за градба. Ми побара, оти му требале за плати да им даде на вработените. А сега, кога се сретнав со него, ми вели – Тргни ги телефоните на страна, ме снимаат, не е до мене, жали се на истото место од каде што ти беше одземена дозволата првиот пат, на повисоко ниво!

Разговарала
Славица ДУЉАНОВА

Прашање на време беше кога власта ќе се закачи за Фијат Цаноски. Фокус пред неколку броја пишуваше за Цаноски, дека откако ќе му откаже љубов на Никола Груевски, по осуммесечно тресење од инспекциите, на крајот ќе добие црно на бело од Управата за јавни приходи оти работи регуларно.

Е сега, си најдоа нова закачка – Цаноски не гради по пропис, човекот ги има сите атрибути за да биде криминалец – богат е, не е со власта, сват е на Велија Рамковски (најголемиот непријател на Груевски, кој заврши зад решетки) и коалициски партнер е на Бранко Црвенковски.

Целата работа со рушењето на станбено- деловниот објект “Космос”, кој, ако се сеќавате, се рекламираше на А1 телевизија, изгледа многу провидно. Од авион се гледа дека целта е да се предизвика штета. Во време кога се донесе Закон за легализација на дивоградбите, власта решила да руши толкав објект!?

Дури и да констатирале некакви отстапки од планот, зошто не му дозволија на Цаноски да направи промени на планот, кога законот му го дозволува тоа? Тој ни покажа и документи, со кои го поткрепува своето тврдење дека му е нанесена неправда. Побарано било мислење и од Архитектонскиот факултет – двајца професори тврдат дека оштетениот е во право.

На крајот, народот ќе го изеде подебелиот стап. До кога ние ќе плаќаме за нечии хирови?

Ваков случај беше и рушењето на станбениот комплекс во Бардовци, за време на владата на Љубчо Георгиевски. На крајот, оштетениот тужеше и доби во Стразбур. И, кој плати за лудоста на тогашната власт? Ние, граѓаните. Фокус стапи во контакт со Сашо Дуковски, директорот на Државниот инспекторат за урбанизам, кој како и во претходните изјави за медиумите рече дека била запазена роцедурата и било работено според законот.

Го побаравме и градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, но не успеавме да го добиеме, па останува неговата изјава дадена за медиумите, дека проектот на Цаноски бил промашен. Секако, разговаравме и со оштетениот Фијат Цаноски.

МИ КАЖАА ДЕКА ЈАС СУМ НА РЕД

ФОКУС Неодамна нашиот неделник пишуваше за Вас, дека откако ја сменивте страната, станавте трн во очите на луѓето од власта. Зошто го рушат станбено-деловниот комплекс “Космос”? Имаше ли можеби некаква понуда од власта, која Вие ја одбивте, па ги налутивте?

ЦАНОСКИ Немаше никаква понуда од власта, ниту имав некакви средби за понуди, ниту пак би прифатил такви понуди. Рековме дека како партија само со ВМРО-ДПМНЕ нема да коалицираме. Имавме можност да направиме коалиција со ДУИ, но на крај се одлучивме за социјалдемократите. И по изборите остануваме во опозиција и не прифаќаме смена на страната за било каква понуда. И така и ќе биде до крај.

ФОКУС Немавте никаков контакт со Груевски или со некој претставник од власта?

ЦАНОСКИ Никаков, само му пратив порака на Груевски кога ги добив решенијата за рушење.

ФОКУС Што му напишавте?

ЦАНОСКИ Му напишав дека рушењето на “Космос” не е легално и дека треба да си го гледа законот. Барав да им укаже на институциите да престанат да работат незаконски. Но, од таму не добив одговор.velija fijat todorovik

ФОКУС Изјавувавте дека Ви се заканувале. Кој Ви се закануваше, некој од општината или од извршната власт?

ЦАНОСКИ Заканите беа очигледни уште во јануари годинава, кога незаконски ми ја одзедоа правосилната дозвола за градба. Два месеца, до март. Потоа, по мојата жалба до второстепената комисија, дозволата ми ја вратија. Му било кажано на градоначалникот дозволата да ја прогласи за ништавна, и тој постапил како што му било кажано, што не е законски!

ФОКУС Кој му кажал на градоначалникот дозволата да се прогласи за ништовна?

ЦАНОСКИ Не можам да кажам кој е тој, но сигурно се тие што се над него, како Државниот инспекторат за урбанизам и Министерството за транспорт и врски. Доколку не слуша, ќе му ги одземат ингеренциите, па мора да слуша човекот што ќе му кажат. Инаку, во ниту еден случај градоначалникот нема интерес мене да ме руши, оти зема пари од мене, мислам на пари за комуналии.

Сум слушнал дека јас сум следен на ред, особено по ова што се случи на А1 телевизија, дека ќе ми бараат влакно во јајцето и дека мора да ми нанесат штета. Иако парите што сум ги заработил во странство сакав тука да ги инвестирам. Но, јас не верував дека ќе одат до таму!

МОЈАТА ГЛАВА Е СКАПА, ТЕШКО ЌЕ ЈА ДОБИЈАТ

ФОКУС Мислите дека сакаат да Ви направат само финансиска штета или ја сакаат и Вашата “глава”?

ЦАНОСКИ Мојата глава е скапа, тешко ќе ја добијат, затоа што јас пред се сум чесен граѓанин, направени ми се сите потребни контроли, но не ми најдоа ништо. И за потеклото на имотот и за сите фирми што ми ги проверуваа. Не сум дете да си играм со овие работи. Особено по случувањата со А1 телевизија и по моите семејни врски со Велија, посебно внимавав се да биде регуларно, да нема никаков пропуст.

ФОКУС Кое беше образложението за рушењето? Дали навистина во приземјето имате отстапување од 1,43 метри?

ЦАНОСКИ Во Протоколот за вовед во градбата од општината Гази Баба, издаден на 03.12.2010 година, покрај маркицата, напишани се и хоризонталните коти, но не и вертикалните. Ние не ги знаеме вистинските коти, затоа што и општината не ги знае.

Нема изработено изведбен проект за улиците, ова не е населено место. Ако има фактички изведена улица, тогаш може да ни се каже – од оваа кота може да биде нивелацијата нула. Таа страна од каде што е земена висината, ние немаме ниту влез ниту пешачки премин.

Во нашиот случај, а така е и по законот, меревме од страната на лицето на зградата, поточно од средниот влез, дури може и од котата на тротоарот од постоечката улица. Ние со висината на приземјето сме нула. Нашите коти беа реални. Теренот потоа паѓа за два и пол метра, кон непостоечката улица и тие мерат од таму, а тоа не е правилно. Инспекторката дошла со едно метро и три колчиња и мерела одоздола и рекла – високи сте.

ФОКУС Подигнавте пет ката, имаше ли порано некакво предупредување дека сте згрешиле со котите за да се спречела штетата на време? Ве контролираше ли некој додека градевте?

ЦАНОСКИ Пет дена пред изборите, на 30.05 2011 година и на 31.05 2011 година, како што стои во записникот, кој го добивме по два месеца, дошла инспекторката и констатирала отстапување од 1,43 метри. Ниту не информирала, ниту стапила во контакт со нас. Замислете, по два месеца истата инспекторка повторно доаѓа, на 15. 07, но сега со записник во кој е напишано и нејзиното доаѓање пред изборите.Fijat canoskiФОКУС Првиот пат, кога дошла на 31 мај, инспекторката не ви дала записник?

ЦАНОСКИ Не, ние записник не добивме. Зошто инспекторката, ако констатирала неправилности, не ни дала записник? Тогаш можеше да ни каже да го стопираме проектот, за да ги отстраниме неправилностите, ако ги има. Штетата ќе беше помала. И сликите на записникот се од пред два месеца. Таа ни дава записник на 15.07. кога се изградени уште пет ката. Самата инспекторка го крши законот.

Дошла после работно време, кога нема никој, и записникот им го читала на луѓе кои ги затекнала на објектот, наместо да го побара инвеститорот. Истиот ден прави решение за затворање на градилиште и решение за рушење на објектот во рок од 5 дена, двете со ист архивски број. Овие документи биле подготвени однапред и само ни ги фрлила, а ние службено не ги добивме.

Дури, од брзање. кое најверојатно било по нечија наредба, во записникот ги измешала инвеститорот и изведувачот. Напишавме жалба. Побаравме да ни дадат решение за стопирање, за да може да го преправиме проектот и да видиме кој е проблемот, или ако треба да го легализираме објектот. Тие веднаш донесоа заклучок за дозвола за извршување. Во рок од три дена – ве рушиме. Немавме можност за жалба. Сето ова е незаконски!

ФОКУС Во некои од медиумите пишуваше дека сте побарале измена на планот за градба?

ЦАНОСКИ Поднесовме барање дека ќе се откажеме од приземјето, кое го преименувавме во гаража. И со тоа по нивните мерки сме пониски од предвиденото На тоа барање, ми одговорија да направиме проект во рок од 8 дена. Ние веднаш, во рок од 5 дена, донесовме промена на проектот, каде едниот спрат го нема. Дури не ја побаравме ни разликата од 250.000 евра за комуналии.

Нѐ срушија без да се разгледа проектот – ние го даваме во петок, тие во понеделникот нѐ рушат, без да се разгледа проектот, без да се разгледаат нашите жалби, без да знаеме дали навистина постои таа висина. Веднаш побаравме стручно мислење од Архитектонскиот факултет, во кое се објаснува како се формира висината кога нема улици. И двете мислења потврдуваат дека ние сме во право!

ТРГНИ ГИ ТЕЛЕФОНИТЕ, МЕ СНИМААТ!

ФОКУС Градоначалникот се жали оти не сте му ги платиле ратите за комуналии, вистина ли е ваквото тврдење?

ЦАНОСКИ Ние направивме договор за плаќање на 24 рати со градот и со општината Гази Баба. И ниту една рата да не платев, тие имаат 11,5 милиони евра хипотека, гаранција. Тие немаат што да кажат, па сега, не сум платил комуналии, за да ме оцрнат. Немам платено само за месеците кога ми ја одзедоа дозволата и сега последната рата. Зошто плаќаме комуналии, за тие во општината да земаат плати?!

Со тие пари треба да донесат струја, вода, инфраструктура, ниту експропријација на земјиштето, за улиците да ги пробијат, немаат направено. Ништо немаат направено, а бараат пари!? Тие ми зедоа земја за улици и не ми платија. И аванс му дадов на градоначалникот пред да ми ја дадат дозволата за градба, ми побара оти му требале за плати да им даде на вработените. На крајот, да не излезе по судовите дека инспекторката била непресметлива… Државата ќе мора да ми ја плати штетата!

ФОКУС Што мислите, зошто не Ви дозволија да го легализирате објектот, доколку бил нелегален? Пречите ли некому, можеби на конкуренцијата?

ЦАНОСКИ Да, на градежни фирми блиски до власта. Ги спуштив цените на градба во Скопје. Со 600 евра по квадрат и пак да имам заработка, земјата е моја. Фирми блиски до власта градат и не можат да ги продадат становите.

ФОКУС Јас, колку што помнам, Премиерот се залага за поефтини станови?

ЦАНОСКИ Да, но можеби не сака Торбеш да ги гради!

ФОКУС Колку станови продадовте?

ЦАНОСКИ За 50 стана е платена само одредена сума.

ФОКУС Побаравте ли средба со градоначалникот? Бевте ли во општината да разберете што се случува?

ЦАНОСКИ Се сретнав со градоначалникот, а тој ми кажа тргни ги телефоните на страна, ме снимаат, не е до мене, жали се на истото место од каде што ти беше одземена дозволата првиот пат, на повисоко ниво.

ФОКУС По ова, му пишавте на Премиерот?

ЦАНОСКИ Да. Знам што е целата работа, да ме оцрнат и да ме направат криминалец.

ФОКУС Кој Ви е партнер во изградбата на “Космос”?

ЦАНОСКИ Немам партнер. Требаше некои странски компании за изведување да влезат, но не и во инвестицијата, но не влегоа. Сопственик на фирмата “Фине”, сум јас со 99 отсто и 1 отсто има мојата сопруга.

ФОКУС И сега, што планирате понатаму ?

ЦАНОСКИ Чекаме одговор на жалбите, па ќе видиме!

Поврзани новости