Трансродовата поп пејачка Фифи, која што околу една година живее и работи во Шведска, вели дека воопшто не е изненадена од одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов да ги помилува политичарите осомничени за криминал. Таа отсекогаш го сметала Иванов за доста разумен и милостив човек, па вели дека сега, кога тој ја покажал својата милост кон политичарите, мисли дека е време да покаже и малку милост кон ЛГБТ заедницата во земјава која што со години наназад е дегардирана и омаловажувана.
,,Господине Иванов, ве молам малку да ме помилувате и мене! И не само мене, туку и илјадниците од ЛГБТ заедницата кои што во Македонија живеат со секојдневни навреди, омаловажувања и потценување. Ако можете да покажете милост кон политичарите осомничени за крминални дејствија, покажете милост и кон хомосексуалците, кон трансродовите личности и кон сите оние кои што се со поразлична сексуална ориентација! Дајте ни поголеми права, кампањи за подигање на свеста на народот за оваа заедница која што секојдневно се соочува со најразлични предизвици, кои што се најчесто вербални навреди, а неретко и физички напади. Ние не сме криминалци, туку луѓе кои што сакаат да живеат нормален живот, кои што се залагаат за љубов и ништо повеќе,, – апелира Фифи која што најмногу поради дискриминацијата ја напушти земјава и ја гради музичката кариера во странство.
,,Постојано кажувам дека ограниченото размислување во Македонија ме натера да заминам во Стокхолм, Шведска и да го продолжам животот подалеку од родното огниште. Нашите политичари секогаш беа глуви за нас, за ЛГБТ заедницата, за нашите права како човечки суштества. Немаше ниту една кампања, ниту еден апел или проект за да ние бидеме прифатени во нашата земја, за да не ни се суди и да имаме достоинствен живот. Мислам дека дури и педофилите и тешките криминалци во Македонија имаат пофер третман од нас и тоа многу ме повредува. Откако дојдов во Шведска, се пронајдов себеси, живеам како нормален човек, што и всушност сум, без оглед на мојата сексуална припадност. Сите политичари треба да дојдат овде, малку да се едуцираат околу тоа како функционираат нештата во развиенот свет, и да понудат еднаков третман за сите свои граѓани. За пример ќе го дадам само светски познатиот пејач Елтон Џон кој што без оглед на родовата припадност доби почесна титула од кралицата во Обединетото Кралство, па се надевам дека и нашиот претседател ќе ги прошири видиците на оваа тема и ќе ги следи чекорите на светските лидери,, – изјави Фифи.
Нејзиниот лик веќе неколку месеци се наоѓа на јавниот превоз во Стокхолм, и на билборди поставени во автобуските станици, на автобуси, трамваји, во метрото… Таа беше избрана за личност со најинспиративна животна приказна со која што Радио Стокхолм направило интервју минатата година. Во интервјуто Фифи раскажува за дискриминациите со кои што се соочувала додека живеела во Македонија. Исто така, учествува во многу проекти за подигање на јавната свест за проблемите со кои што се соочува ЛГБТ заедницата, а работи и на неколку нови музички проекти. Лани ја отвори парадата на гордоста во Стокхолм и настапи заедно со голем број на светски музички ѕвезди. Во Македонија беше присутна на сцената околу десет години и сними голем број на песни и спотови, но постојано беше на мета на напади поради својот исфеминизиран изглед.