НАТПРЕВАР ВО ОРАТОРСТВО – „ПРЕДИЗВИК НА ГОВОРНИКОТ“

by Фокус

Кризата на убавиот говор е општа појава во нашето општество. Наместо убавиот говор да се негува и издигнува на ниво на општа потреба, а самото говорништво да е врвен домет на севкупниот развој на општеството, ние имаме сѐ повеќе игнорирање на интересот за реторика и маргинализирање на убавиот збор. Моќта на убавиот говор е главна инспирација за организирање на првите ораторски вечери насловени „Предизвик на убавиот говор“. Духот на манифестацијата ќе може да се почувствува низ мотото за годинава – „Бедна е онаа правда што мора да се правда“.

Настанот насловен како „Предизвик на говорникот“  е првиот натпревар во ораторство од јавен карактер во организација на ФОН Универзитет. Натпреварот ќе се одржи на 14 април (четврток) во 18.30 часот во свечениот амфитеатар на ФОН Универзитет. Сите студенти што студираат на акредитирани високобразовни установи во Република Македонија имаат право на учество. Во духот на отвореноста и инклузивноста, на овој настан ќе учествуваат и студенти со развојни потешкотии, кои ќе говорат рамо до рамо со своите колеги.

Најдобрите тројца студенти ќе бидат наградени со стипендии за школарина од ФОН Универзитет за прв и втор циклус на студии,  награди од Генералниот покровител  на настанот винарија „Стоби“ и од спонзорот – издавачката куќа „Култура“. Вкупниот фонд на награди за говорниците изнесува 20.000 евра.

Студентите ќе се натпреваруваат во две дисциплини. Подготвен говор и импровизиран говор.

Носители на проектот на ораторските вечери се Ана Јорданова, извршен директор на „Луминари медиа“ и главна винска уредничка во винарницата „Стоби“, Александра Србиновска Дончевски, професорка на ФОН и Цветанка Јованова, академска уметница.

Поврзани новости