Со давање на воведните зборови од специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, денеска во Кривичниот суд во Скопје почна судската постапка во предметот „Титаник 2“, за изборни нерегуларности од локалните избори во 2013 година. По воведното излагање на Фетаи, судењето беше прекинато и презакажано за 22 мај.
Во овој предмет на СЈО обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
Претходно, денеска рочиштето беше на два пати одложувано поради барањето на обвинетите Бедредин Ибраими и Мендух Тачи за одложување на рочиштето бидејќи немале превод на обвиненијата на албански јазик. Откако судијата Огнен Ставрев за два часа го обезбеди преводот, судењето продолжи со излагање на фактите на обвинитечката Фетаи.
-Волјата на обвинетите произлегувала од центрите на политичка моќ, кои имале монопол на влијание врз своите членови, истакна Фетаи во воведот.
Таа додаде дека Сашо Мијалков и Мендух Тачи со своето политичко влијание овозможиле пратеникот Васил Пишев да ја продолжи политичката битка за градоначалник на Струмица, а воедно за тоа биле потрошени и дополнителни буџетски средства.
-Тоа е мотивот на обвинетите за сопствено чувство на политичка недопирливост, потенцира Фетаи.
Според неа, во постапката СЈО ќе го докаже умисленото влијание на Мијалков и на Тачи кој на својот сопартиец од ДИК Ибраими му кажал да гласа за приговорот на ВМРО-ДПМНЕ за изборот на градоначалник на Струмица.
-Во текот на постапката ќе се испитуваат сведоци, ќе се преслушуваат и аудио снимка. Ќе се докаже дека обвинетите ги сториле кривичните дела, кажа Фетаи.
Според „бомбите“ што ги објави СДСМ, а кои се прифатени како докази во судската постапка, Мијалков и Тачи се договарале за гласање на членови на ДИК во однос на поднесени приговори.
На денешното рочиште присутни беа сите обвинети.