Денес тие се најтрагичните фигури, бидејќи произлегува дека двапати се виктимизирани – првпат кога биле принудени или уценети да соработуваат, а потоа денес кога се ставаат на столбот на срамот со етикета кодош.
Д-р Гроздан Цветковски
Во категоријата со кодошки имунитет, се вбројуваа и сите лица кои пред изборот, односно именувањето на некоја функција биле соработници на Службата. Тие со нивниот нов општествен статус стануваа недопирлива и забранета зона за врбување, па веднаш се дерегистрираа, а нивните соработнички досиеја се евекуираа во резерватот за посебни намени „Јасен“ во близина на Македонски Брод.
Се разбира, понекогаш се правеше исклучок ако се работеше за многу значаен или случај од посебен интерес. Значи, доколку беше врбувано одредено лице за соработник на Службата, а потоа стануваше функционер, оперативецот беше должен да го исклучи од соработничката мрежа и да ги уништи, односно евакуира материјалите за да не останат никакви траги. Ова е битно да се знае, бидејќи Службата т.е. оперативците, сепак, не можеа без исклучок да врбуваат кого ќе посакаат, туку постоеше едно ниво над кое не беше дозволено да се ангажира соработник, меѓутоа тоа претставуваше исклучок од правилото.
ПОЛИТИЧАРИТЕ-НЕОФИЦИЈАЛНИ СОРАБОТНИЦИ
Инаку, во практичното работење, најпосакувани неофицијални соработници биле и денес останаа политичарите, од едноставна причина што имаат достап до многу информации, а освен тоа сакаат да ги озборуваат и кодошат колегите. Всушност, тие не се фактички те. апла кодоши, туку интересни се нивните врски, коментари, интриги и самоистакнување во средби со припадници на Службата. Тие нивни искажувања педантно се нотираат во службени белешки, врз основа на кои подоцна можат да се изготвуваат соодветни оперативни стратегии. Се разбира, доколку постои опасност досието да биде отворено, Службата брише делови од него, или пак, ја уништува целокупната документација.
Категоријата на соработници кои морале под притисок да се согласат и потпишат изјава за прифаќање на соработка со Службата, денес се најтрагичните фигури, бидејќи произлегува дека двапати се виктимизирани – првпат кога биле принудени или уценети да соработуваат, а потоа денес кога се ставаат на столбот на срамот со етикета кодош.
Притоа, мора да се има предвид специфичната народна психологија која создаде духовен стереотип на поврзување на традиционалното со современото. Затоа, ноторна и целосна лага е чаламот наш со удирање во гради, посебно кочоперците и самопромовираните лажни патриоти дека никогаш никој не можел и немало шанси да ги врбува, оти тие божем биле силни карактери со мадиња и неподлегнувале на било какви притисоци, уцени и рушвети.
Ама, таквото фалбаџиство без покритие го демантира повторно изворната фолклорна фраза „Немаш газ“, наместо како некои други народи од регионот кои кога сакаат да се посомневаат во нечија храброст и одлучност, велат ,,Немаш мадиња’’. Значи, лажното перчење да ти било само гола вода, а вистината и тоа апсолутна е дека службите не ги врбувале само оние за кои немале некој посебен интерес или едноставно не сакале да ги направат кодоши.
КОДОШЕЊЕТО ВО ЕДНОПАРТИЗМОТ
Па, Боже мој, во еднопартискиот систем сите граѓани, трудбеници, чесна и нечесна интелигенција беа должни во секое време без право на адвокат да се јават на повикот за информативен разговор. Во поканата никогаш немаша образложение зошто се повикува, а за нејавување, или одбивање,постоеја ептен ефикасни механизми принудно да се изврши приведувањето во простории на Службата каде ,,големиот маж’’ ќе игра пиперевка и ќе прашува кога повторно да дојде.
Доволно беше некој да претставува безбедносен интерес, ако се работеше за субјект од т.н. „корисна средина“, кој бил или сеуште е во директен или посреден контакт со сомнителни, односно лица кои се во оперативна обработка. Такви индикативни безбедносни лица можеа да бидат активисти или вработени во куќен совет, месна заедница, младинска организација, општествено-политичко тело на самоуправна организација на здружен труд и нивни инокосни работодавни органи со техно-менаџерски и технократски погледи и делувања, потоа со лица кои имаат либерални ставови, припадници на граѓанска десница, авангардни интелектуалци, екстремен клер, девијантни и антисоцијални кругови и останати антипартиски и антисамоуправни елементи.[1]
На тој начин граѓанинот, селанецот, беше чесната и нечесна интелегенција се врбуваа и иницираа (произведуваа) во кодоши. Немаше шанса да се одбие соработката! Со арно, со лошо, со малце или многу ќотек (десет удирај еден број), Службата ќе најдеше начин, повод и причина колебливиот инаетчија да го принуди да соработува. Голем број случаи го потврдуваат овој неспорен заклучок, а сложеноста, деликатноста и опасноста од неизбежно воспоставување на соработнички однос со Службата по разни основи (уцена, зависност, компромитација, лага, манипулација, рушвет) ќе ги илустрираме со неколку примери од практичното работење.
Продолжува: Поп швалер стана кодош, сликан како пропаднал во кенеф (7)
[1] Наједноставната и најчеста удбашка тактика за врбување беше врз основа на патриотизам и лојалност: „Дали си за оваа држава“? „Дали си за Тито и партијата’’? Нормално, по добиениот потврден одговор, следуваше императивен заклучок: ,,Е, па, тогаш мора да соработуваш’’! Сепак, Службата беше многу сериозен фактор, за разлика од политичарите кои се минливи.