Македонија има направено голем напредок во борбата против ХИВ и туберколозата и во споредба со останатите земји во регионот има ниска преваленца на ХИВ, оценува директорот за комуникации при Глобалниот фонд, Сет Фејсон.
На попладневната прес-конференција во Скопје, директорот за комуникации при Глобалниот фонд посочи дека добрите здравствени програми и нивното финансирање се двата главни сегменти на кои треба да се работи за да се спречат овие болести.
– Мисијата на Глобалниот фонд е да го уништи постоењето на сида, туберколоза и маларија до 2030 година. Тоа е голема амбиција да се постигне за 12 години. За тоа е потребна голема политичка волја и владите во државите каде постојат овие болести треба да бидат партнери со граѓанските организации, вели Фејсон.
Од македонската Влада велат дека имаат обезбедено доволно буџетски средства за имплементација на сите програми за борба против овие болести.