Компанијата Фејсбук објави дека ќе забрани реклами кои се насочени против вакцините односно ги обесхрабрува луѓето да се вакцинираат.
Ваквите измени се чекор напред во претходните промени во политиката на Фејсбук со кои се забранија дезинформации и лажни вести за вакцините.
-Ако рекламата има за цел да ги одврати потрошувачите од вакцината, ние ќе ја одбиеме, наведоа главниот здравствен директор на компанијата Канг-Син Џин и директор за управување со производи Роб Корен.
Сепак, како што пишува „Гардијан“ ќе бидат дозволени реклами и објави кои се „за“ или „против“ законодавствата и политиките кои се однесуваат на вакцинацијата, вклучително и за ковид-19.
Новите правила се дел од низата измени во политиките што ги прави Фејсбук периодов обидувајќи се да се ослободи од проблематичните содржини. Меѓу нив, како што веќе е познато, се и забраните за содржини што го негираат Холокаустот.