ФДМ: Го поздравуваме носењето на Законот за јазици, разочарани сме од ксенофобичниот дискурс

by fokus

Форумот за демократска Македонија, организација формирана од иселеници од Македонија го поздрави донесувањето на Законот за употреба на јазиците.

„Форумот за демократска Македонијa, заедница на иселеници од Македонија, го поздравува секој чекор што оди во насока на унапредување на правата на помалите етнички заедници во Република Македонија. Оттука, го поздравуваме и донесувањето на Законот за јазиците, како продолжение на макотрпниот процес на градење инклузивно општество. Сепак, Форумот изразува загриженост околу политичката инструментализација на овој Закон од страна на целокупната политичка елита во државата. Загрижува и недореченоста на делови од законот, кои оставаат широк простор за различни интерпретации, што е чест случај и со многу други закони на Република Македонија“, пишуваат од Форумот.

Од Форумот на дијаспората наведуваат дека се разочарани од нивото на јавниот дискурс околу Законот за јазиците и велат дека со жалење забележуваат оти конструктивните дискусии за содржината и легалитетот на Законот сè повеќе паѓаат во сенка на ксенофобичниот дискурс.

„Како организација која е горда на своето шаренолико членство, Форумот најостро се спротивставува на ваквата ксенофобична реторика. Форумот ја користи оваа пригода повторно да апелира за нужноста од забрзано спроведување на реформските приоритети на Република Македонија“, пишува во нивното соопштение.

Поврзани новости