Федералното биро за истраги и Министерството за внатрешна безбедност на САД излегоа со предупредување дека сојузните безбедносни агенции се соочуваат со зголемени закани откако минатата недела ФБИ изврши претрес на домот на поранешниот претседател Донад Трамп.
Агенциите предупредувањето го објавија викендов во кратко соопштение, а по судски одобрениот претрес минатата недела на домот на Трамп во Флорида, ексклузивната резиденција и голф клуб Мар-а-лаго.
Додека агентите на ФБИ извршија претрес таму, поранешниот претседател излезе на својата платформа Truth Social и објави дека „мојот прекрасен дом, во Палм Бич, Флорида, моментално е под опсада, рација и окупирана од голема група агенти на ФБИ.“
Политичките сојузници и конзервативните медиуми ја искритикуваа постапката на ФБИ, користејќи ги тврдењата на Трамп дека целата работа е политички мотивирана.
-Никогаш вакво нешто не му се случило на претседател на САД. Незаконието, политичкиот прогон и ловот на вештерки мора да бидат разоткриени и прекинати, напиша Трамп.
Генералниот обвинител Мерик Гарланд, кој лично го одобри претресот, и директорот на ФБИ, Кристофер Реј, ги отфрлија ваквите обвинувања.
Во неговиот единствен коментар по повод претресот, Гарланд завчера изјави дека нападите се „неосновани“ и дека „луѓето кои работа во ФБИ и Министерството за правда се посветени, патриотски јавни службеници“.