Фазлиу ќе оди кај Рамиз Мерко да се распраша за набавката на аудито од 67.000 евра

by fokus

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, најави посета кај градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, во врска со подновувањето на возниот парк и набавката на градоначалничкото ауди од 67.000 евра и покрај тоа што Општината е во долгови.

Набавката предизвика остри реакции во јавноста од причина што се спроведува во ист период кога Владата одлучи да ги помогне општините, вклучувајќи ја и Општина Струга, за да си ги подмират насобраните долгови.

Министерот Фазлиу изјави денеска дека го осудува секое луксузирање на градоначалниците.

-Барам од градоначалниците да бидат поодговорени, се работи за сите општини кои се во долгови. Ние сме им пружиле рака за да излезат од тешата ситуација, затоа тие треба средствата одговорно да ги користат, инаку ќе се остави впечаток на злоупотреба. Барам одговорност и транспарентност од нив – рече Фазлиу.

Сепак, според него, граѓаните и општинските советници се тие кои го даваат последниот збор.

-Ако постои одговорност во Струга, граѓаните треба да бараат преку нивните претставници во Советот. Тој буџет и таа набавка поминале во Советот каде гласало мнозинството изгласа. Доколку приметиле недолично однесување, советниците можеле да ја стопираат. Друг механизам не постои. Планирам да одам во Струга да разговарам директно со градоначалникот, да се информирам за оваа ситуација и да ги разгледам можностите за поправка на оваа грешка, ако може да се нарече грешка – рече Фазлиу.

Тој додаде дека до крајот на јуни општините треба да се договорат со доверителите, а да ги исплатат долговите до крајот на годината.

Инаку, Општина Струга неодамна го поднови возниот парк со набавка на ново Ауди А6 вредно 67.000 евра наменето за потребите на градоначалникот, а набавени беа и една Шкода Октавија лимузина со пет седишта за речиси 19.000 евра како и два автомобили Шкода Рапид исто така лимузини со пет седишта за цена од 28.500 евра.

Поврзани новости