Битолската компанија „СВ-Инвест“, која стана позната во јавноста откако одеднаш почна да добива тендери од државната компанија за производство на струја АД ЕСМ за работа во РЕК Битола веднаш после политичките промени, престана да постои откако беше комплетирана стечајната постапка.
Со решение на битолскиот основен суд од април годинава се заклучува стечајната постапка за компанијата-должник. Според официјалните податоци, решението станало правосилно овој месец, додека вчера пријавата е примена во Централниот регистар и друштвото е избирашно.
Инаку, неделникот Фокус пишуваше за „СВ-Инвест“ во времето кога беше отворена стечајната постапка кон средината на 2021 година, што следуваше веднаш откако друштвото заработи негативна референца или забрана за учество на тендерски постапки, бидејќи не беше во можност да обезбеди банкарска гаранција за тендер добиен токму од ЕСМ/ЕЛЕМ.
–Отварањето на стечајна постапка не значи и нужно ликвидирање на друштвото, туку, согласно Законот за стечај, предвидена е и можност за предлагање и усвојување на план за реорганизација – ни изјави тогаш сопственикот на „СВ Инвест“ Стојан Чифлигароски, додавајќи дека „СВ Инвест“ има обврски кон добавувачи и банки од 971 милиони денари, но истовремено има побарувања од купувачи во износ од 661 милиони денари.
АРХИВА Како „СВ-Инвест“ падна во стечај после соработка со РЕК Битола тешка 6 милиони евра?
Сепак, стечајот не резултираше со реорганизација и спас на компанијата, туку со нејзина ликвидација. Според информациите што ги добивме од стечајниот управник Коле Волчевски, банките си ги наплатиле побарувањата, а извршена беше и продажба на имотот на друштвото со цел подмирување на долговите кон останатите стечајни доверители, од кој најголем беше „Пелистер“ на Силјан Мицевски.
Додека стечајната постапка беше во напредна фаза, Волчевски ни посочи дека поднесени биле тужби кон должниците на „СВ-Инвест“, чија вкупна вредност изнесуваше 600 милиони денари. Во однос на овие предмети, според него, правосилни пресуди веќе имаше за половина од нив, кои, како што посочи, ќе се наплаќаат во извршни постапки од правните субјекти-должници.
Како тече стечајот на „СВ Инвест“, која се „прослави“ по тендерите од РЕК Битола?
Во меѓувреме, од надлежниот битолски суд ни изјавија дека во постапката донесени се вкупно 47 решенија за намирување на доверители, а предлог-планот за конечна распределба – завршна сметка и завршен извештај беа објавени на огласна табла. По симнувањето од огласна табла, беше закажано завршно собрание.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, за тригодишниот период од 2018 до 2011 година, оваа компанија склучила 30 договори за јавна набавка во вкупна вредност од над 388 милиони денари или 6,3 милиони евра, при што најмногу и најголеми договори биле склучени за работа во „РЕК Битола. За цел овој период, опозицијата ја обвинуваше компанијата дека е блиска до власта.
Исто така, „Фокус“ своевремено пишуваше дека оваа компанија се споменуваше и во кривичната пријава што друга битолска компанија – „Рубитон“, ја поднесе до Министерството за внатрешни работи во 2020 година, бидејќи, како што се наведува во пријавата, довчерашниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски вршел изнуда.
Имено, сопствениците на „Рубитон“, Васко Василев и Јани Радивчев, во пријавата до МВР наведеле Ковачевски вршел притисок во корист на „СВ Инвест“ да отстапат дел од договорот што го склучиле за ископ во РЕК Битола или во спротивно да платат 250.000 евра во готово.
Неколку години по написот, овој случај го актуелизираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски кон средината на 2021 година на брифинг со новинари обвини дека во позадина стоел братот на тогашниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев-Вице Заев, кој, според Мицкоски, изнудил 250 илјади евра од компанија од Битола која добила тендер за ископ на јаглен од РЕК Битола.
Во однос на ваквите обвинувања, реагираше Вице Заев, кој во изјава за „Фокус“ изјави дека обвинувањата на Мицкоски немаат врска со реалноста и дека, како што рече, станува збор за лага, измислица, креација во умот на човекот кој е опседнат со него.
Вице Заев: Опседнатиот Мицкоски да престане да лаже и да се заканува преку познаници
Неодамна, пак, неделникот „Фокус“ пишуваше дека откако „СВ-Инвест“ почна да пропаѓа, соработник на Чифлигароски ја активираше „Новоматрикс“, која склучи два договори за технолошко чистење во РЕК Битола вредни над 3 милиони евра, при што првиот пораснал поради 2 анекси, а вториот го доби во постапка со директни преговори, откако пропаднале неколку обиди да се спроведе отворена тендерска постапка.
„Откако пропадна „СВ-Инвест“ на Стојан Чифлигароски, деклариран пријател на Вице Заев, воскресна „Новоматрикс“, која денес е во формална сопственост на поранешниот управител на „СВ-Инвест“ Александар Наумов, а порано била во сопственост и на „Архи“ или денешна „Панорама резиденс“, во чија сопственичка структура се промениле многу субјекти, така што денес е во целосна сопственост на „Орка“ на Орце Камчев, пишуваше „Фокус“, врз основа на официјалните податоци што ги обезбеди.
Влатко СТОЈАНОВСКИ