Езерото надолу, цените нагоре: Ќе остане ли Преспа без кампери?

by fokus

Отворен во 1978 година, автокампот Крани е еден од последните кампови од овој тип кој активно работеше до ланската сезона. Но, сега станува неизвесно дали камперите кои имаат сопствени приколки во овој камп ќе продолжат да летуваат на Преспанското Езеро.

На почетокот на февруари, без никаква претходна најава тие ги добија договорите за 2022 година со цена на основица повисока и до 50 отсто.

ЗАКУП ПОСКАП ЗА 100 ОТСТО

Но, освен покачувањето на основицата, со новите договори им се наметнува и нова давачка: плаќање на потрошена електрична енергија. Досега, електричната енергија беше вклучена во основицата.

Освен што на основната цена која сега со зголемувањето е околу 30.000 денари (варира во зависност од квадратурата), камперите ќе треба да плаќаат и потрошена електрична енергија. За таа цел, концесионерот им наметува и сами да ја платат набавката на броилото: 5.500 денари.

Според договорите во кои „Фокус“ имаше увид, ако досега годишната закупнина за сопствена камп-приколка во Крани беше околу 19.000 денари, со вклучена електрична енергија, сега таа изнесува 28.000 денари, без вклучена електрична енергија.

Кога на оваа цена ќе се додаде и потрошената електрична енегрија наплатена како индустриска струја, годишниот закуп може да достигне и до 40.000 денари, што е поскапување од над 100 отсто.

Концесионерот, фирмата „Трпеновски Компани“  Битола, зголемувањето на закупот го правда со растот на минималната плата која сега треба да им ја исплаќа на вработените, како и со растот на цената на струјата.

Сопственикот на фирмата концесионер, Никола Трпеновски вели дека досегашната  цена на кампување во Крани била толку ниска поради што во последните две години претрпеле огромни загуби.

ПОСКАПУВАЊЕ ПОРАДИ МИНИМАЛНАТА ПЛАТА И СТРУЈАТА?

Цената за камперските услуги остана иста од 2015 до 2021 година, односно 16500,00 + ДДВ. Оваа цена беше потребно во текот на годините постепено да се променува. Новата цена сега е 23700,00 + ДДВ + ел.енергија“, објаснува Трпеновски.

Но, камперите се бунат токму против начинот на поскапување, односно, и покрај тоа што струјата ќе се плаќа плус, има зголемување и на основицата.

Претседателот на Здружението на кампери АК Крани, Владо Атанасовски вели дека камперите прифаќаат зголемување на цената, но тоа да не биде и на основицата и со вовдедување на дополнителна ставка на електрична енергија. А, не и двете.

„Ние сме свесни дека треба да се крене цената. Се покачи и струјата. Не сме против и да има саати за струја. Ние прифаќаме и да има броила, но за да има броила, тогаш основицата треба да се намали. Или да се зголеми основицата, но да нема броила.“, вели Атанасовски.

Сепак, тој вели дека мнозинството на кампери ќе одлучи, а не тој лично. Во кампот во моментов има околу 400 приватни приколки.

„Трпеновски вели дека покачувањето е 30 отсто, но тоа не е така. Да беше само 30 отсто, верувам сите кампери ќе прифатеа. Но, сега со покачувањето на основицата и плус струја, ќе стигнеме и до 45.000 денари годишно“, вели Атанасовски.

Катерина Смилева Божиновска

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

 

Поврзани новости