Европските челници порачаа дека Западен Балкан останува приоритет: Пандемијата може да не зближи ако сме паметни

by Фокус

Одржувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб сведочи за тоа дека западниот Балкан е апсолутен приоритет за ЕУ, бидејќи регионот припаѓа во ЕУ и ние имаме одговорност да им помогнеме на нашите партнери, посебно во однос на последиците од коронавирусот, порача претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен на прес-конференцијата по завршувањето на самитот.

Пандемијата е огромен предизвик во однос на роковите за процесот на проширување, но кризата може да се искористи за да се консолидира процесот. Ако сме паметни и обединети можеме да ја искористиме кризата за да се зближиме. По рестриктивните мерки ќе следи огромна економска штета и ако се движиме кон програма за закрепнување, како што е инвестицискиот пакет, во кој ќе се фокусираме на поврзување, дигитализација и на Зелениот пакт, можеме заедно да го надминеме ова – рече фон дер Лајен.

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, пак, потсети дека до пред неколку месеци ЕУ не беше во можност да се усогласи во однос на проширување, алудирајќи на блокадата за преговорите со Северна Македонија и Албанија минатата есен.

-Токму поради нашиот политички ангажман ја донесовме одлуката за Северна Македонија и Албанија и нашата порака е многу силна, а после кризата со Ковид-19 ќе биде суштински да развиеме силна стратегија, да инвестираме на краток и на долг рок, да се намалат тензиите, да се имплементираат реформите – додаде Мишел.

Фон дер Лајен, Мишел и Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска чија земја претседава со ЕУ, ги истакнаа иницијативите за пакетот од 3,3 милијарди евра за шесте земји од регионот, пристап до алатки за борбата против вирусот кои им се вообичаено достапни само на земјите членки на ЕУ, помош за малите и средните претпријатија…

Поврзани новости