Политичката неизвесност во Македонија продолжува, имајќи ги предвид тесните изборни резултати, изјави вчера за хрватската агенција ХИНА, европратеникот Тонино Пицула, кој во неделата ги набљудуваше предвремените парламентарни избори во Македонија.
– Изборните резултати покажуваат продолжување на високата поларизација и на политичката поделеност на македонското општество… Во овој момент владее неизвесност каков ќе биде конечниот резултат. Разликата е маргинална меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – рече Пицула, кого групата на социјалисти и демократи во Европскиот парламент го назначи за известувач во сенка за Македонија.
Според Пицула, Албанците очигледно ја казнија ДУИ, најголемата албанска партија во Македонија, која сето ова време беше партнер на ВМРО-ДПМНЕ, но изгубија речиси десетина мандати во Собранието и ја зајакнаа новата албанска политичка формација Беса.
– Што тоа конечно значи? Мислам дека ќе продолжи неизвесноста околу составувањето на новата влада. Во овој момент навистина не е јасно кој би требало да ја состави, имајќи ја предвид поларизацијата, а и не се знае колку ќе биде стабилна владата – оцени Пицула.
Европратеникот смета дека можни се повеќе сценарија, но оти најмалку веројатно е формирање на голема коалиција затоа што со тоа ништо не би решило, имајќи ја предвид длабоката поделба и разликите. Тој вели дека двете најголеми македонски партии имаат само една заедничка работа, а тоа е јасната проевропска иднина на Македонија.
Што се однесува на можноста за формирање малцинска влада, тој вели дека таа не би била многу стабилна и оти долго не би се одржала.
Пицула не ја отфрла можноста за одржување нови, предвремени избори и оти тоа „не е толку нереално“.
– Дали тоа ќе се случи следната година, можеби во комбинација со локалните избори, кои би требало да се одржат напролет, засега е не јасно – вели Пицула.
На прашањето дали можеби ЕУ ќе ги притисне албанските парии да не одат во коалиција со Никола Груевски, Пицула вели дека тоа тешко може да се каже, но додаде дека некои ја споменуваат американската страна која сигурно е заинтересирана за настаните во Македонија.
– Во овој момент не е јасно каква ќе биде новата политика на американската администрација кон овој дел на Европа, но Американците секако се јасен фактор, кој не би требало да се заобиколи – смета Пицула.