Денеска е првиот самит на европската политичка заедница во Прага, а лидерите на 44 земји ќе испратат јасен сигнал дека Русија е изолирана и ќе се обиде да создаде нов поредок без Москва, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел.
-На состанокот ќе се бара нов поредок без Русија – изјави Борел пред новинарите во Прага, пред почетокот на првиот самит на ЕПЗ, иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон, пренесе Ројтерс.
Перт Фијала, премиерот на Чешка која претседава со Европската унија, го најави првиот Самит на 44 шефови на држави во Европа како можност за понеформални дискусии за прашања од областите на безбедноста и мирот, економската и енергетската криза и за целите во заштитата на животната средина.
-Чешкото претседателство со ЕУ е соочено со огромни предизвици и кризи низ кои поминува Европа, што ќе бидат тема на првите разговори на Европската политичка заедница, независно дали се работи за мирот и безбедноста, енергијата, животната средина, економијата. Целта не е да се дојде до никакви писмени заклучоци, целта е да се разговара и да се создаде некаков рамковен договор по однос натамошното дејствување на европските земји во тие области – рече Фијала, кој е домаќин на Самитот на која учествуваат сите држави од Континентот освен Русија и Белорусија.