Поднесената пријава, запленувањето роба и обвинувањата за фалсификат насочени од „Пионир“ кон „Европа“ АД – Скопје се целосно неосновани и неиздржани, велат од македонската компанија. Од претпријатието со историјат од 132 години истакнуваат дека во овој случај е прекршена и добрата деловна пракса. Според овие принципи, фирмата која смета дека нејзин производ е фалсификуван од друга компанија, треба писмено да ја информира и да побара од неа да ја повлече од пазарот
– „Европа“ на српскиот пазар продава повеќе од еден век, има своја верна група конзументи и лојални клиенти и на нејзина адреса никогаш порано не пристигнал ваков тип обвинувања. Начинот на работа на „Европа“ никогаш не се базирал ниту на плагијат, ниту на фалсификат, напротив, производите на нашата компанијата честопати биле напаѓани со плагијати од разни држави и завршувале со правни постапки, вели Сава Димитрова, претседател на управниот одбор на „Европа“ АД – Скопје.
Оттаму објаснуваат дека „Бонбон ноар“, продуктот запленет во Србија, бил легално на полиците на продавниците, со заштитниот знак, логото на „Европа“, во карактеристична амбалажа и со име кое нема допирна точка со тоа на производот на „Пионир“, „Негро“.
Од „Европа“ велат дека во поглед на содржината на бонбоната, таа е непроменета, се произведува повеќе од 50 години, а за првпат е евидентирана во каталог на „Европа“ во 1982 година.
-Составот на „Бонбон ноар“ и на „Негро“ е различен. Слично е тоа што и двете се базирани на состојката лакриц, но процентот на масното полнење, филувањето и изгледот на самата бонбона воопшто не се исти. Лакриц во светот на бонбоните го користат неколку стотини производители и амбалажата на речиси сите нив е базирана на црна, бела и црвена боја, кои се врзуваат за имиџот на оваа состојка, објаснуваат од компанијата.
Под оваа амбалажа бонбоната на „Европа“ се продава од 2003 година и оттогаш е и на пазарот во Србија.
– „Европа“ АД – Скопје е силен бренд којшто е одлично позициониран на домашниот и на пазарите на Балканот, Европа, Америка и Австралија, со голем и со добар тим на технолози и креативни луѓе кои константно работат на нови и усовршување на старите, добро препознатливи, производи на компанијата и затоа секое обвинување за фалсификување е несериозно – укажува Димитрова, која додаде дека „Европа“ АД – Скопје ќе поднесе тужба пред судските инстанци во Србија и ќе бара надокнада за нарушениот имиџ и изгубената добивка, за да го заштити својот бренд и професионално портфолио.
Тужба против српската компанија „Пионир“ и инспекциските служби кои го наложиле запленувањето на робата, веќе поднесе и официјалниот дистрибутер на „Европа“ за територијата на Србија.