Триумф над стравот

by Фокус 19:30
19:30

Пишува
Џабир ДЕРАЛА

Кога власта станува толку моќна и недопирлива, кога бруталноста и произволната примена на сила стануваат секојдневие, критиката и објективните вести се први на удар. Прво со закон, а ако тоа не успее, со низа други методи – корупција, закана, уцена, пендрек. Медиумите се освојуваат со пари и апсења, а потоа се кршат и последните ќелии на слободната мисла со легализам преку веќе освоеното судство.

Во ќошињата на слободното изразување се влегува со безличната и безмилосна тупаница на казнената политика, за да се замолкнат и последните што не се согласуваат. Така, се раѓа проклетството за секое авторитарно владеење. Секој што мисли слободно, станува дисидент.

- Advertising -

Кога власта не дозволува поинакво мислење и гази со своите полициско-бирократски чизми по фундаментите на слободата и човековите права, стравот да се проговори и да се пишува станува сѐ поочигледен и – многумина ќе речат – оправдан.

Стравот е иманентна состојба и на храбрите. Глупавите и плитките немаат страв. Тие ги имаат своите навики и послушноста. Мандела во затворот научил дека „храброста не е отсуство на страв, туку триумфот над него. Храбар човек не е тој што не чувствува страв, туку тој што го победува тој страв“.

БЕЗМИЛОСНИ И ВУЛГАРНИ

Верувам дека Вацлав Хавел, Махатма Ганди, Мартин Лутер Кинг и Нелсон Мандела чувствувале страв од репресалии, убиство, затвор… Израелитите (1 в.н.е.) извршија колективно самоубиство во протест против Римјаните, будистичките свештеници се саможртвуваа со порака против инвазијата на Виетнам, Јан Палах се запали во знак на протест против советската окупација, студентот или Човекот-тенк пред 25 години сам сопре колона тенкови кај плоштадот Тјенанмен во Пекинг.

Сите тие го ценеле животот и се плашеле за него. Но, триумфирале над стравот и испратиле порака која е врежана во помнењето на светот.

Постои начин. Историјата и денешницата познаваат состојби кога симболите, метафорите и алегориите, хуморот и пародијата се главно изразно орудие во рацете на уметниците и новинарите. Тоа е време на читање „меѓу редови“.

Тираните не биле толку наивни и пикале во „бункер“ сѐ што им било сомнително. Ги следеле интелектуалците и на сите начини се обидувале да ги изолираат и да ги осуетат во нивната единствена мисија што ги одредува како интелектуалци – да ја зборуваат вистината и да ја негуваат слободата. Но, никогаш не успеале да ја сотрат слободата на мислењето.

Автократската власт, диктатурата, тиранијата – наречете ја како сакате – секогаш создава уметници, новинари, уредници и интелектуалци, кои од петни жили се обидуваат да ја супституираат реалноста. Ним задачата им е релативно лесна бидејќи нивниот газда се штити и со пари, институции, судски систем и пендреци.

Затоа, ушушкани во таа лелеава атмосфера на самодоволност и угоеност, тие – владините слуги – стануваат разгалени, но и безмилосни и вулгарни. Плукаат и навредуваат, повикуваат на омраза и линч, ги тужакаат дисидентите и се радуваат кога некој од нив ќе добие казна со која може само да прогласи банкрот. И продолжуваат да ја скандализираат јавноста со својата примитивност, вулгарност и грубост.

ПАКОСНИ БИЛМЕЗИ-МИЛЕНИЦИ

Нивните логореични испади се експлозивно четиво за националистите и екстремистите, со повици за физичка пресметка со „непријателите“. Одвај чекаат некој, да речеме, судија или друга јавна личност од Структурата, да изблуе отров, па тие да се натпреваруваат во интерпретации што се обидуваат да го надминуваат и самиот креатор на отровите. Од нивната уста не излегува ништо освен говор на омраза, освен тогаш кога се лигават и бацуваат чизми.

Говорот на овие пакосни билмези-миленици е преполн со предрасуди и навреди и кон жените, ЛГБТ заедницата и други општествени групи. Нивниот речник е примитивен и исполнет со пцости и непристојни, често експлицитни изрази за кои постои одредба во законот дека може да се употребуваат со посебно предупредување и во доцните ноќни часови. Токму вакви креатури се поставени, платени и охрабрувани да ја обликуваат јавноста преку ударните информативни содржини на медиумите.

Но, тие се дното на пирамидата на моќта. Знаеме кој е одговорен за мизеријата човечка. Не мораме да ги споменеме. Можеме и да ги прескокнеме нивните имиња, позиции, локации и време во кое живеат и тормозат народ(и).

Ние знаеме. И тие знаат.

Секој што ќе го положи своето читателско око на овој и текстови како овој, што ќе отпее рефрен во духот на славниот југо-дисидент Џони Штулиќ и ќе климне со глава или ќе направи некој гест со телото – е чекор поблиску до триумфот над стравот. Климнете со глава едни на други. Дајте (ми) знак дека сте (ги) прочитале.

Кога лудилото станува нормалност, тишината станува болест. Тоа што навикнавме да го трпиме срамотниот пад на вредностите преку поганата уста на медиумските дворјани и нивните газди, не значи дека молчењето е бескрајно. Деновиве, лудилото ќе престане и стравот ќе исчезне.

П.С. Оваа колумна се однесува на некоја друга земја и на некое друго време. Секоја сличност со реалноста околу вас е сосема случајна и ненамерна. Хм…

Поврзани новости