Еврокомисијата појасни зошто Македонија не доби пари од Солидарниот фонд

by Fokus

Откако завчера беше објавено дека земјава нема да добие средства од пакетот финансиска помош од околу 530 милиони евра како дополнителна поддршка во рамките на Солидарниот фонд на ЕУ, вчера од Европската комисија за МИА појаснија зошто Северна Македонија е единствена земја што не доби парче од колачот на Солидарниот фонд за пандемијата.

Од портпаролската служба на Европската комисија за МИА детално ги образложија условите за аплицирање за помош од Солидарниот фонд на ЕУ. Како што пренесоа и македонските институции, помошта од овој Фонд се активираше минатата година поради здравствената криза од Ковид-19, со услов товарот од кризата врз буџетот да изнесува над 0,3 отсто од бруто националниот приход.

Рокот за пријавување бил 24 јуни 2020, а Фондот бил отворен за земјите-членки и четирите земји кои имаат зелено светло за преговори со ЕУ или веќе преговараат со ЕУ, односно Србија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија.

Службите на Европската комисија, велат оттаму, внимателно ги разгледале барањата за да утврдат дали ги исполнуваат условите, дали се веродостојни пријавените расходи како и директната поврзаност со здравствената криза.

– Што се однесува до Солидарниот фонд, Комисијата и Северна Македонија беа во контакт минатата година, но Северна Македонија ја информираше Комисијата дека во тој момент нема доволно расходи да пријави за да го постигне прагот предвиден од страна на регулативата на Солидарниот фонд, велат официјално од ЕК.

Сепак оттаму нагласуваат дека од почетокот на кризата дадена и е значајна помош на Северна Македонија за борбата против Ковид-19.

– Комисијата даде 226 милиони за да ги покрие медицинските опреми, да ги поддржи ранливите групи, бизнисите и невработените, како и макрофинансиска асистенција, нагласуваат од ЕК и дополнуваат дека земјава може да смета и на дел од достапните 70 милиони евра за Западниот Балкан како девет милијарди од Економскиот и инвестициски план на Европската комисија за регионот. 

И според Секретаријатот за европски прашања, причината што Северна Македонија е изоставена од помошта е поради тоа што во првиот бран од здравствената криза, земјата не направила доволно расходи за да се квалификува за помош преку Фондот за солидарност на ЕУ.

– Поддршката од ФСЕУ беше условена со оптоварување врз јавните финансии со минимален праг од 1,5 милијарди евра (цени од 2011 год.) или 0,3 отсто од бруто националниот доход (БНД) на потенцијалната земја апликант. Во апсолутни бројки, во случајот на Северна Македонија овој праг изнесуваше 30.852.000 евра и истиот не беше достигнат, со оглед на тоа дека износот на пријавените итни трошоци од институции/општини изнесуваше 7.670.831 евра, соопшти СЕП.

Поврзани новости