На денешната прес конференција на која беа презентирани заклучоците за земјава, на прашањето дали ЕУ размислува на Македонија да и ја укине целата финансиска помош поради тоа што во земјата нема напредок и кризата се продлабочува, шефот на литванската дипломатија, која во моментов претседава со ЕУ рече дека не станало збор за такво нешто.
-Вчера имавме дебата за поранешната југословенска Република Македонија. Денес тема беа заклучоците на министрите. Испративме јасна порака до сите политички партии во земјата дека мораат да се ангажираат во вистински дијалог и да продолжат со реформи. Тоа се гледа и во заклучоците. Се надеваме дека оваа порака ќе биде слушната. Ако ситуацијата не се поправи, ќе се вратиме на оваа тема подоцна. Но, засега нема дискусија за поинакви чекори, рече Едгарс Ринкевич на пресконференцијата по денешната министерска средба.
Советот на министри на ЕУ уште еднаш повтори дека е загрижен за политичката криза во Македонија и ги пофали заложбите на еврокомесарот Хан. Ги повика сите партии да го почитуваат договорот од 2 јуни, кој според Советот треба да биде основа за сите понатамошни преговори. Министрите потенцираа дека во наредниот период треба да бидат имплементирани сите препораки од Комисијата, почнувајќи со итно спроведување на оние реформи кои се приоритетни, како системските прашања поврзани со владеењето на правото „кои беа потврдени или кои произлегоа од актуелната политичката криза.“