Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ
„Започнаа” преговорите со Европската Унија. Ова го слушаме деновиве како на лента, со максимална пропаганда од страна на владејачките партии и нивните медиумски експозитури. Секое противење на овој “факт” ви носи инстант етикета на проруски ориентиран, прима пари од Русија или секогаш популарната Будимпешта.
Колку и да вергла владината пропагандна машина, преговорите НЕ започнаа, и тие ќе започнат единствено кога, и ако, Македонија го промени Уставот и ги внесе Бугарите кои живеат тука ( на број 3.500) како државотворен народ. Цепки.
Пораките кои доаѓаат деновиве од топ ешалонот на ЕУ се повеќе од јасни- се додека промена на Уставот не се случи, нема да има преговори за Македонија, земајќи го со тоа здивот на владината пропагандна машинерија.
ВЛАДИНИ АПОЛОГЕТИ
Повеќе пати сум велел дека внесување на Бугарите во Уставот е најмал проблем, нити, пак, тие нешто особено ќе добијат. Нивните права се и вака, без изречно наведување, заштитени.
Но тука има и очигледен парадокс. Бугарија сака да влезат Бугари во Устав на земја чие постоење го спорат, чија најбројна нација по нив не постои, која, пак, зборува на јазик којшто не постои.
Логиката на бугарската надворешна политика е јасна, влез на Бугарите во Устав и потоа протежирање на наводна нивна дискриминација, покренување судски и друг вид постапки.
Впрочем, таквата активност веќе и започна преку хипер продукција на претставки до Комисијата за спречување на дискриминација, како и таргетирање на пар јавни личности, а останува да видиме какви ќе бидат резултатите на овие иницијативи, над кои секогаш ќе виси притисокот на бугарската агресивна нaдворешна политика.
Проблемот во т.н. р. Француски предлог најмалку е во погоре посоченото барање. Проблемот настанува кога Бугарија добива право да го цензурира нашиот образовен процес.
Не постои друг пример на вакви отстапки- да се дозволи на земја членка на ЕУ да се меша во внатрешните работи на една земја кандидат, настрана што немаат врска со Копенхашките критериуми.
Владини апологети ќе речат дека тоа никаде не го пишува, што е формално точно, но ова е замаскирано во „добрососедски односи”.
Бугарија ќе добие право, на годишно ниво да си прави ревизија на тоа дали ние се однесуваме во духот на добрососедските односи или не, и досегашното однесување на Бугарија ни дава за право да веруваме дека ќе продолжат да се изживуваат со нас.
ТЕМНА ИСТОРИЈА
Следен супер спорен момент е „говорот на омраза”. Бугарија бараше дури и засебна Комисија за спречување на дискриминација која ќе се однесува само за евентуална дискриминација на Бугари, небаре се работи за бели мечки, а не за луѓе.
Никој нема да ме убеди дека македонското судство, приемчиво на политички притисоци какво што е, нема да започне да штанца пресуди за наводни дела од омраза наспрема Бугарите кои живеат во државава. Како што напоменав, процесот е веќе започнат.
Гледав гостување на човек чии генералии не ги запомнив, а беше дел од Еврејската заедница на Македопнија. Човекот беше запрепастен од ова што се случува, и јасно нагласуваше, потпирајки се на историски факти, но и преданија од негови претци за холокаустот на Евреите во Македонија оркестриран од администраторите.
Точно е дека Евреите се транспортирани под притисок на наци Германија во Треблинка, но тоа не го пере тогашното Бугарско царство од одговорност. Впрочем, добиваа и две рајхс марки од Евреин, за трошоци за транспорт. Пу!
Она што кај нас се заборава, а треба да биде најгласен наш аргумент за наци Бугарија е фактот дека во Јануари 1941 година, пред да влезат во Втората светска војна, Бугарија го донесе Законот за заштита на нацијата, по урнек на злогласните Нирнбершки закони, депривирајќи ги Евреите од нивните граѓански права, право на водење бизнис, право на јавна функција, и нивно гетоизирање.
И треба да сме луди да дозволиме оваа темна историја да се брише или искривува, кога веќе бевме довлно луди да не бараме подршка на Израел и моќното еврејско лоби по ова прашање. За жал, нашиот пат кон ЕУ е виа Треблинка!