Пендаровски: Загрижувачки е што се уште се негира геноцидот извршен врз Ромите

by fokus 12:34
12:34

Претседателот Стево Пендаровски по повод 2 Август – Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите упати порака во која вели дека е загрижувачки е што денес се уште се живи историските неправди кон нив, како негирањето на геноцидот извршен врз Ромите, расизмот, антициганизмот, говорот на омраза и дискриминацијата чиј интензитет се зголемува, дури и во современите демократски општества.

-Сеќавајќи се и оддавајќи почит на милионите жртви во Втората светска војна, не смееме да заборавиме и на над 4300 деца, жени и мажи Роми, погубени во нацистичкиот логор во Аушвиц-Биркенау. Во тој ужасен период од историјата на сила беа закони кои го обезвреднуваа човековиот живот и вроденото достоинство на различни групи, меѓу кои и на Ромите. Тогашната идеологија овозможуваше експлоатирање на нивниот труд, нечовечки медицински експерименти, присилни стерилизации и на крајот, масовни убиства во логорите на смртта, вели претседателот Пендаросвки.

Тој потсетува дека во текот на Втората светска војна се убиени над 500.000 Роми низ Европа и Балканот.

-Загрижувачки е што денес се сè уште живи историските неправди кон Ромите – негирањето на геноцидот врз нив, расизмот, антициганизмот, говорот на омраза и дискриминацијата чиј интензитет се зголемува, дури и во современите демократски општества. Сето тоа ги турка Ромите на маргините и ја уназадува борбата за нивните човекови права и слободи. Ромскиот народ е нераскинлив дел од македонскиот општествен мозаик кој ги споделува стремежите и жртвите во борбата за слободно општество. Таа коегзистенција треба да продолжи во духот на солидарноста, хуманоста и меѓусебната почит, нагласува Пендаровски.

Да се сеќаваме, порачува претседателот, на историските факти за најголемото зло во историјата на човештвото преку личните сведоштва на преживеаните.

Поврзани новости