Европската унија денеска преку ново соопштение ги повика партиите да соработуваат со специјалната јавна обвинителка, да прекинат со напади врз ова независно тело и да престанат со заплашувања врз јавни функционери чија што задача е да ги подготват изборите.
-Подвлекуваме дека сите политички партии се согласија за именувањето на Специјалната обвинителка и тие сега треба да покажат конструктивна соработка со неа и нејзината екипа и да се воздржат од напади врз ова независно тело. Пржинскиот договор ги обврза потписниците на структурни реформи, вклучително и оние во однос на изборите, како мерки кои треба да донесат поголена медиумска слобода, ревидиран изборен список и примена на препораките на ОБСЕ-ОДИХР. Овие реформи се неопходен услов за да се има услови за кредибилни избори на 24 април, стои во соопштението од ЕУ.
ЕУ, во согласност со САД, вели дека тие поставиле повеќе критериуми кои ќе ги употребат за да видат до каде се подготовките за изборите.
-ЕУ, заедно со САД, ја повторуваат неопходноста за кредибилни избори и потсетуваат дека тие поставија редица критериуми кои ќе бидат искористени за оценување на подготовките за изборите”, вели ЕУ и потсетува дека е понудена техничка помош и друга поддршка за македонските институции за да се создадат услови за фер избори, се вели во соопштението.