ЕУ ќе замрзне имотот и ќе стави на црна листа македонски политичари

by Фокус

Европската Унија би можела да воведе санкции, како што е забрана за патување и замрзнување на имотот на одделни македонски политичари што го опструираат решавањето на политичката криза, соопшти за „Ројтерс“ анонимен европски претставник, пренесува Мета.

Според истиот извор, претседателот Ѓорге Иванов мора да ја поништи одлуката за аболиција на 56 политичари вмешани во аферата со прислушување, за да продолжат разговорите со ЕУ.

– Загрижени сме поради кратковидоста на сегашната влада. Македонија тргнува кон меѓународна изолација – предупреди европскиот дипломат.

Истовремено, „Дојче веле“, цитирајќи друг политичар од ЕУ, кој побарал да остане анонимен, јавува дека следен чекор на ЕУ е одземањето на кандидатскиот статус.

„Точно е. Се размислува за сериозни санкции. Прв чекор ќе биде одземањето на препораката за почеток на преговорите“, вели изворот.

Со слични тези, минатата недела излезе и американскиот весник „Волстрит џурнал“, кој повикувајќи се на извори од Брисел, наведе дека е можна забрана за патување во шенген-зоната за македонски политичари, повлекување на помошта за мигрантската криза и запирање на поддршката за евроатланската интеграција на државата.

Весникот наведе дека според европските политичари, амнестијата на претседателот Иванов била со намера да ја заштити контролата на власта од ВМРО-ДПМНЕ и кругот околу Груевски.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и тројцата европратеници, Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едуард Кукан, денеска се заканија дека ќе бидат принудени да размислуваат за понатамошни чекори за исполнување на барањата што беа поставени од Европскиот совет, Европската Комисија и од Европскиот парламент пренесува Мета.

Поврзани новости