Европската Унија го повика претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да изврши итна и отворена консултација со политичките партии во земјата и бргу да определи лидер за формирање влада.
– Ги повикуваме сите политички актери во земјата, вкучително и претседателот, да дејствуваат на смирен и конструктивен начин со целосна одговорност за решавање на сегашната состојба. Земјата нема време за губење и во овој контекст очекуваме претседателот, според Уставот, да изврши итна и отворена консултација со политичките сили во земјата и бргу да определи лидер за формирање влада, кој ќе може да најде заедничко тло за формирање стабилна, солидна и отворена коалиција – порача денеска портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.
Таа истакна дека идната владина коалиција треба да биде што е можно поширока и да се потпира на силен реформски консензус и на меѓуетничка соработка.
– Ние очекуваме од идната влада и од сите политички сили во земјата да продолжат со имплементирање на Договорот од Пржино и со спроведување на реформските приоритети, бидејќи сето тоа е од витално значење за понатамошниот напредок на земјата на патот кон европските интеграции и е нешто на што сите политички партии се обврзаа, а истото го очекуваат и граѓаните – порача Коцијанчич.