ЕУ ќе започне преговори со африканските земји околу прашањето дали се подготвени да создадат на своја територија т.н. регионални платформи за прифаќање на мигранти, изјави еврокомесарот за буџет Гунтер Јотингер.
Тој за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ истакна дека еден европски договор за создавање на такви центри подразбира партнерска согласност со земјите од Северна Африка, кои се наоѓаат или директно на Средоземното Море, или во реонот Сахел.
– Тоа треба да се договори веднаш, нагласи Јотингер, кој претходно изјави дека за тие центри би можело да бидат одобрени шест милијарди евра европски средства.
Весникот информира дека Либија, Мали, Нигер и Нигерија се сметаат од Комисијата како најсоодветни кандидати, иако Јотингер не посочува конкретна држава.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц, чија земја од денеска го презема претседавањето со ЕУ, изјави вчера дека е важно одделни земји на ЕУ да ги искористат своите врски со африканските држави и да најдат решение за европското прашање со прифатните центри.
Засега ниту една северноафриканска земја не дала сигнал дека сака да прифати на своја територија мигранти, а неколку земји, меѓу кои Египет, Либија и Мароко веќе ја отфрлиле таквата идеја.