Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Жозеп Борел, изјави дека продолжува внимателно да ја следи ситуацијата на северот на Косово. Тој им порача на двете страни дека сите дополнителни провокации или еднострани и некоординирани дејствија се „неприфатливи“.
-Србија и Косово мора безусловно да ја деескалираат ситуацијата на терен со итно повлекување на специјалните полициски единици и отстранување на блокадите на патиштата – изјави Борел.
Тој истакна дека Србија и Косово мора да најдат решение за да ја смират ситуацијата и да се договорат како да се оди напред, а ЕУ „активно ќе ги поддржи тие напори“.
-И косовските и српските лидери се целосно одговорни за секој ризик по безбедноста и благосостојбата на заедниците во Косово и во Србија. Го истакнав тоа во моите повици до претседателот Вучиќ и премиерот Курти оваа недела – рече Борел.
Пристигнувањето на двајцата главни преговарачи во Брисел во наредните денови е првиот позитивен чекор, изјави Борел, додавајќи дека е клучно тие да дојдат со мандат да разговараат за тоа како да продолжат понатаму и да најдат одржливи решенија што се во интерес на граѓаните.