Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска соопшти дека Европската комисија пренасочува 3,8 милијарди евра фондови за Западен Балкан и соседите на истокот и на југот на ЕУ за помош во борбата против коронавирусот, јави МИА од Брисел.
„Како дел од нашиот глобален одговор на пандемијата со коронавирусот, пренасочуваме над 3,8 милијарди евра од планираните фондови за Западниот Балкан и нашите непосредни соседи на истокот и на југот, таму каде што им се вистинските потреби денес: итен одговор на здравствената криза, за зајакнување на здравствените системи и ублажување на социо-економските последици од пандемијата, делиме континент и можеме да успееме само заедно“, рече Вархеји.
Ова е дел од стратегијата на Европската Унија за глобален одговор на пандемијата најавена вчера од страна на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
Таа вчера порача дека е исклучително важно Европската Унија да биде подготвена да им помогне на третите земји во оваа борба, посебно африканскиот континент.
Пакетот „Тим Европа“ има за цел да им помогне на сите глобални партнери на ЕУ ширум светот преку земјите членки, но и финансиските институции на ЕУ, посебно Европската инвестициска банка и Европската банка за реконструкција и развој.
Првите пакети „Тим Европа“ веќе се применуваат на Западен Балкан, соопшти ЕК.
Вкупниот пакет изнесува 15,6 милијарди евра, од кои 3,25 милијарди се наменети за Африка, 800 милиони евра се за земјите од Западен Балкан и Турција. Земјите од јужното соседство на ЕУ ќе добијат 2,1 милијарда евра, а источните соседи 962 милиони евра.
Азија и Пацификот ќе добијат 1,22 милијарда евра.