Година на немир во луѓето, поделеност, напнати ситуации, или накратко – година која повеќето сакаат да ја заборават – така ја опишуваат 2017 дел од нашите соговорници од естрадата. Тие имаат убави спомени од настапи, снимања, по некој концерт, но генерално, белег на годината што изминува им оставила политичката криза и нетрпението кај народот предизвикано од политиката.
-2017 ќе ја запаметам само по мојот концерт во април! Инаку, се друго е за заборавање, поради нашите најголеми ѕвезди, политичарите, што ја уништија Македонија! Во 2018 година би посакал само здравје, тоа е најважно – вели фолк ѕвездата Наум Петрески, кој моментално е во Америка на празнична турнеја.
Неговата колешка, фолк пејачката Татијана Стефановска, вели дека 2017 година ќе ја памети и по добро, но и по лошо.
-Старата година ќе ја паметам по многуте успеси на професионален план, нов албум, фестивали, турнеји, многу настапи… Но, ќе ја паметам и поради немирот во луѓето околу политичката состојба, партиската поделеност помеѓу народот. И по она што масовно се случува во изминатиот период – труењето на кучињата и мачките. Во 2018 година поскаувам повеќе разум кај луѓето, среќа, мир и бериќет – раскажува Стефановска.
Катерина Танева од групата „Нели ти реков“ на 2017 гледа како на доста успешна на професионално поле, на година која и донела многу настапи и отоврила можности за напредок и во други земји.
-Оваа година имав два фестивалски настапи со преубави песни, на фолк-фест Валандово и фолк-фест Роса. Мислам дека песните заслужуваат посебно внимание од публиката. Снимивме две прекрасни балади со спотови и имавме неколку настапи во соседна Бугарија кои поминаа одлично и оставија впечаток на тамошната публика. Од тие гостувања произлегоа покани за настапи во Хрватска и Словенија, кои се надевам во наредната година ќе се реализираат. Посакувам здравје, среќа, бериќет и разум за сите – вели Кате.
Поп пејачот Игор Узунов раскажува дека болката и тагата од изминатата година ги претворил во стихови од кои се родиле две нови песни.
-Секоја година со себе носи лекции кои треба да ги научиме, ако веќе не сме. Многу солзи радосници, по некоја од тага, но големи амбиции и желби кои ги претворив во јаве, а неостварените ги оставам да “оживеат” во идната. Болката и тагата ги претворив во стихови и се родија песни кои во новата година ќе допрат до секого. Умствената креација се претвори во видео дело и подарив на публиката две песни за душа. Во Новата година ќе уживаме во животот што ни дојде! Со повеќе сила, интернационални успеси и многу љубов… Здравје, љубов, многу среќа, многу радост за сите деца посакувам! – вели Узунов.
Познатата гајдаџика и фолк пејачка Елена Јовческа 2017 ја поминала во турнеји, настапи во странство и дружби со нашинците низ светот.
-Во 2017 година ми се исполнија многу мои желби. Она што ја обележа оваа година за мене се многуте настапи и убавите дружби со нашинците низ светотот. Во 2018 година најпрвин посакувам здравје за мене, за моите блиски. Кога имаме здравје, се друго е лесно – изјави Јовческа.
Нејзината колешка Елена Велевска е уште една од оние кои попрво би ја заборавиле 2017 година поради низата лоши настани.
-Генерално, ова беше многу лоша година и нестрплива сум да помине. Во 2017 изгубив неколку драги личности во мојот живот. На Велигден, истиот ден кога заминував на турнеја во Австралија, почина мојот свекор. Набргу по него почина наш близок другар од Тетово, со кого минуваваме доста време и ни беше чест гостин во Охрид секое лето. На крај на годината почина и мојот колега и близок пријател Зоран Дамјанов, настан кој ја потресе целата фолк естрада. Жални настани кои врз мене, како врз голем емотивец доста влијаеа и ми се одразија на здравјето. Многумина ме правеа дека сум анорексична и каква ли уште не, но се надевам дека во Новата година се ќе си дојде на свое место. Само Бог да не чува и да ни даде здравје и сила, да се сакаме како нација, оти животот продолжува. На професионално поле имав успешна година во која се создадоа многу песни за нашиот, но и за бугарскиот музички пазар. Ми беше многу тешко да ги издржам сите снимања, како студиски, така и видео спотовите, но јас сум професионалец и реализирав се што зацртав во 2017 година. Сега е момент да се посветам на семејството, бидејќи за сите мои отсуства, децата ја заслужуваат најголемата мајчинска грижа. Воедно, со сопругот Марјан славиме и десет годишнина од брак, па ќе имаме семејно патување низ Европа. Во 2018 година ќе бидам најсреќна кога сите членови на моето семејство ќе се на број и до мене – раскажа Велевска.
Вики Клинчарова