Судечките совети кои постапуваат по предметот „Тенк“ и „Трезор“, оформени по одобрување на обвинителните акти на Специјалното јавно обвинителство, одредија термини за одржување на главна расправа на крајот на јануари, односно на почетокот на фебруари, соопшти кривичниот суд.
Предметот „Тенк“ е за набавката на екстралуксузниот „мерцедес“, во чии рамки поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и некогашниот шеф на одделот за јавни набавки во МВР Ѓоко Попвски се товарат дека ја злоупотребиле службената положба и овластување, додека експремиерот Никола Груевски за примање награда за противзаконито влијание.
За „Трезор“, пак, на обвинителна клупа на крајот на јануари треба да седнат и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет, Тони Јакимовски, помошник министерот за информатички технологии, Небојша Стајковиќ, а обвинет е и бегалецот Горан Грујевски. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба поради набавката на опрема за УБК преку фирмата на Коста Крпач, „Финзи“.