Естонскиот министер за правда поднесе оставка по скандалот дека со државни пари изнајмувал стан од својот посинок

by Fokus

Естонскиот министер за правда Кале Ланет вчера одлучи да поднесе оставка поради корупциски скандал поврзан со изнајмување стан од неговиот посинок.

Тој рече дека по средбата со премиерката Каја Калас одлучил да не остане на функцијата министер за правда „за да обезбеди правна јасност и мир во работата во владата“, објави естонската државна телевизија ЕРР.

„Втората причина за мојата оставка е што моите најблиски се на удар на јавноста, иако тоа воопшто не го заслужија“, рече Ланет.

Естонските медиуми претходно објавија дека Кале Ланет како министер за правда, а претходно како министер за одбрана со народни пари изнајмил стан во Талин од својот посинок.

За двата министерски мандати државата му плаќала сметки за кирија од над 12.000 евра.

Според шефот на антикорупциското биро на Централната криминалистичка полиција, Ајвар Сеп, Ланет го прекршил антикорупцискиот закон.

Минатата недела протекоа и информации за расправијата на Ланет со естонскиот јавен обвинител Андрес Пармас, кој го обвини министерот за мешање во работата на обвинителството и за притисок врз главниот обвинител во обид да го принуди да ја напушти функцијата.

Поврзани новости