Националниот уметник на Република Македонија, кралица на ромската песна и советник во советот на град Скопје, Есма Реџепова Теодосиевска, воопшто не е во тек со актуелните политички случувања. Бидејќи е на турнеја во САД, таа во изминатиов период кога секојдневно се организираат протести и контрапротести, воопшто не слушнала што тоа се случува во земјава, бидејќи била преокупирана со своите настапи кај нашата дијаспора.
,,Ниту Есма, ниту пак било кој од нас е во тек, надвор сме од случувањата. Не знам што би рекол некој кој што не е дома скоро три недели, не гледал телевизија и не читал весници. Се извинуваме, но Есма ќе се вклучи со свое видување на настаните некој друг пат, кога ќе биде во тек. Сите останати уметници од земјава кои што јавно се огласиле со свое мислење по повод настаните се дома и се во тек, да беше Есма дома овој период, секако дека немаше да молчи и ќе се огласеше,, – ни одговори Весна Ѓорѓиевска, менаџерката на Есма, на нашето прашање како гледа нашата национална уметница на политичката криза и дали ги поддржува масите кои што секојдневно протестираат.
За време на сегашното, дванаесетто гостување на Реџепова во Америка, таа веќе одржала неколку, а во план и биле и уште концерти во повеќето поголеми градови. Инаку, Есма е рекордер во настапи низ светот и има пеено во 106 земји. Покрај редовните настапи, таа е и советник на град Скопје.
Освен Есма, други познати уметници кои што истовремено се и советници се и актерите Софија Куновска и Благоја Чоревски. Неофицијално дознаваме дека советниците земаат паушал чија што висина се движи од 8.000 до 20.000 денари, во зависност од големината на општината. Бидејќи функцијата советник не е професионална, туку дополнителна, советниците имаат право да работат во јавно претпријатие, да имаат сопствен бизнис и слично.
Вики Клинчарова